Почетна ЕкономијаДржавните институции од денеска имаат пристап до привремено и трајно одземени возила

Државните институции од денеска имаат пристап до привремено и трајно одземени возила

од nenad
4 минути читај за

Со новите измени на Законот за управување со конфискуван имот, сите државни институции отсега имаат можност да ги користат возилата кои се привремено или трајно одземени, а со кои располага Агенцијата за управување со одземен имот. Ова го соопшти директорката на Агенцијата, Ирена Илиевска, на 17-тата сесија на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24).

Сесијата беше на тема „Ефикасноста на институционалниот одговор во Република Северна Македонија на препораките на ЕУ за конфискација и управување со имот стекнат од криминал“, а беше организирана од Националната конвенција на Европската унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК).

Илиевска објасни дека досега само Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана можеа да управуваат со овие возила. Сега, секоја државна институција може да поднесе барање до Агенцијата за управување со одземен имот.

“Согласно последните измени кои што се донесени и кои што веќе се на сила, најнова измена е тоа што отстапувањето на државни институции најпрво беше можност само на Министерство за внатрешни работи и на Министерство за одбрана, меѓутоа сега со измените кои што ги предложи самата Агенција, поради тоа што увидовме дека возилата пропаѓаат и на дел од нив може да се изврши продажба за оние кои што се конечно завршени постапка, меѓутоа за оние кои што се привремено одземени не беше возможна продажбата, ниту отстапувањето, па затоа предложивме нови законски измени кои што веќе од денеска стапуваат на сила. Со овие измени, до возила може да дојдат сите државни институции кои што ќе поднесат барање до Агенцијата за управување со одземени имот,” рече Илиевска.

Таа додаде дека Агенцијата располага со околу 1700 до 1800 возила, од кои дел се привремено, а дел конечно одземени, односно за нив е целосно завршена постапката.

Според законските измени, постојат две категории на отстапување на возила: оние кои се конечно одземени и оние кои се привремено одземени. “Што се однесува за привремено одземени возила, најпрво ние како Агенција треба да побараме согласност од сопственикот од којшто е одземено возилото. Доколку сопственикот не даде согласност, ние се обраќаме до органот којшто го одзел возилото и доколку добиеме согласност од сопственикот или од органот којшто го одзел возилото, ние можеме да донесеме одлука согласно барањата на институциите, тие возила да ги преотстапиме на државни институции, со тоа што, доколку е привремено, должни се институциите кои што ќе го преземат возилото, да уплатат 93 отсто од вредноста на возилото, која што ќе се утврди врз база на проценка, да ги уплатат средствата во државниот Буџет, а 7 отсто од средствата да ги уплатат на Агенцијата за управување со одземен имот,” појасни Илиевска.

Во случај возилото да треба да се врати на сопственикот, институцијата која го презела треба да ги врати тие 93 отсто од вредноста на проценката, додека седумте отсто ќе ги исплати Агенцијата. “Доколку настане случај дека тоа возило треба да се врати по одреден временски период на сопственикот, институцијата која што го презела, на која што било отстапено возилото согласно одлука на Влада, треба да ги врати на сопственикот, тие 93 отсто од вредноста на проценката, а оние 7 отсто ќе треба да ги исплати Агенцијата на самиот сопственик. Сето тоа го предложивме за оваа категорија на возила, поради тоа што постапките од одземање до конечно завршување траат премногу долго. Значи имаме пресуди за возила кои што се по различни основи, дали се одземени по основ на убиство, носење на дрога, по основ на мигранти или икс други причини и поради тоа постапката оди доста долго,” рече Илиевска.

Таа вели дека Агенцијата нема соодветни услови за чување на возилата, кои со години стојат на нивните плацеви на отворено. “За тој период самата Агенција нема соодветни услови за чување на возилата. На нашите плацеви возилата стојат на отворено и самите знаете каква е ситуацијата доколку едно возило со години се остави да стои, значи на тоа возило вреднаста му опаѓа. Поради тоа побаравме измена на овој Закон. И согласно првичниот закон, значи Агенцијата одлучува дали тие возила ќе ги продава или ќе ги отстапи на некоја државна институција. Тука беа рамноправни сите државни институции. Меѓутоа, тоа е проблемот, што од тие што ги рекох, меѓу 1700-1800 возила, многу малку се возила кои што се со конечни пресуди, дел од тие возила се возила кои што се категоризирани во групата на старо железо, тоа се возила кои што се стоени повеќе од 10, 15 и 20 години,” заклучи Илиевска.