Децении наназад жителите на Битола бараат конечно решение за проблемот со отпадните води. Иницијативата за реконструкција на канализациската мрежа и изградба на пречистителна станица започна уште пред 2016 година, кога со европски средства беше подготвена и Оцената за влијание врз животната средина. Веќе тогаш податоците за состојбата на реката Драгор беа алармантни. И денес, испуштањето на отпадни води во реката останува нерешен проблем.
За потребите на студијата за колекторскиот систем и изградбата на пречистителна станица, беше направена анализа на вода која покажа дека површинските води на Драгор при испустот се класифицираат како класа V.
„Загаденоста на реката достигнува ниво од III, IV, па дури и V класа, а на моменти е и вон класа – што ја прави ‘мртва река’. Денес таа е претворена во отворен канал кој ги носи комуналните и индустриските отпадни води, вклучувајќи и физиолошки отпад. Загадените води од Драгор се влеваат во Црна Река, а потоа ја контаминираат и водата во Тиквешко Езеро“, пишува во студијата.
Истражувањата покажале дека количината на канализациона вода што се слева во Драгор е двојно поголема од количината на чиста вода.
Во Планот дополнително се нагласува дека користењето на вакви загадени води за наводнување има долгорочни последици – загадување на почвата и подземните води, а со тоа и внесување на опасни материи во синџирот на исхрана.
Институтот за јавно здравје уште во 2021 година предупреди на неисправни примероци на вода: „Најчесто е утврдена зголемена матност, отсуство на резидуален хлор и органски материи над дозволеното“, стои во извештајот.
Излезот се гледа во изградбата на колекторскиот систем, новата канализација и пречистителната станица. Но, додека договорот за станицата е потпишан, изградбата на канализацијата стагнира. Иако тендерот е одамна завршен, договорот со изведувачот не е потпишан, со што постои реална опасност да се изгубат европските средства за овој дел од проектот.