Почетна ЕкономијаДо септември, сите државни возила со таблички во боја

До септември, сите државни возила со таблички во боја

од nenad
2 минути читај за

Најдоцна до почетокот на септември сите возила во сопственост на државата ќе бидат обележани со таблички во боја, изјави вечерва директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, додавајќи дека тоа ќе се реализира пред локалните избори, кои најверојатно ќе се одржат околу 15 октомври.

Министерството за внатрешни работи веќе има објавено тендерска постапка за набавка на црвена и жолта боја, со кои ќе се означуваат службените возила, а јавното отворање ќе биде на 25 јуни.

“На 25 јуни ќе биде јавното отворање на тоа. Се надевам дека ќе имаме фирма која ќе ни ги достави побаруваните бои и ќе добиеме најниска цена и веднаш после завршената постапка ќе донесеме заклучок на Влада, односно задолжение за сите државни институции, тука спаѓаат ЈП, општините, државните институции, министерствата, Владата во рок од триесет денови да ги променат таблиците,” објасни Томовски.

Финансиските средства за промената на регистарските таблички ќе бидат на товар на самите институции. “Некаде околу 1200 денари е промена на таблици со промена на сообраќајна дозвола, но тоа не е некоја голема финансиска штета за државата отколку што може да се заштеди и да излеземе сериозни кон граѓаните,” вели тој.

Државата не поседува регистар на службени возила, па според анализата на СОЗР, станува збор за околу 7000 возила, од кои веројатно илјада ќе бидат исклучени од безбедносни причини – МВР, АРМ итн.

Втората мерка која се планира, како што наведе Томовски, е да се објави јавен телефонски број и е-маил адреса каде граѓаните ќе можат да пријавуваат злоупотреба. “Не знам какви се законските одредби дали ќе може тие луѓе да се казнуваат, но во најмала рака ќе подлежат на јавна критика и не верувам дека би го повториле тоа дело,” рече директорот на СОЗР.

На истиот принцип како што се изготвува регистар на службени државни возила, се подготвува и регистар на државни објекти, на што работи вицепремиерот Арбен Фетаи. “Целта ни е да ги фузираме овие два регистри и да имаме еден регистар во државата и за имоти и за возила,” рече Томовски.

Томовски исто така напомена дека овој Буџет не дозволува набавка на нов владин авион, иако на државата и е потребен поголем ваков авион. Според него, тоа не претставува луксуз, туку потреба на една држава.

Комплексот „Македонско село“ денеска беше повторно отворен, а Томовски потенцира дека тој не е клучен само заради економијата, туку има неколку аспекти, како идентитетот на државата.

Таму има 12 куќарки кои ја прикажуваат државата на едно место и, вели тој, добиваме нова туристичка дестинација и нови работни места. “Овој пат одлучивме да го дадеме под класична закупнина, нема јавно-приватно партнерство. Ние немаме никаква обврска како држава. Му го даваме на концесионерот на 15-годишно владеење. Се она што ќе го инвестира во комплексот, останува во сопственост на државата, но да ја зачува намената. Да нема злоупотреби,” рече Томовски.