Почетна ЕкономијаДонохју: Влезот на Бугарија во Еврозоната ќе има позитивни ефекти врз економијата

Донохју: Влезот на Бугарија во Еврозоната ќе има позитивни ефекти врз економијата

од nenad
4 минути читај за

Приемот на Бугарија во Еврозоната не само што ќе биде клучно достигнување за државата со значајни бенефиции за нејзиното стопанство, туку и ќе ја зацврсти силата, издржливоста и влијанието на Зоната на заедничката европска парична единица во светски рамки, изјави претседателот на Еврогрупата и министер за финансии на Ирска, Паскал Донохју, по повод одлуката на Европската комисија дека Софија ги исполнува условите за пристапување кон Еврозоната од 1 јануари 2026 година.

“Топло ги поздравувам позитивните заклучоци од извештаите за подготвеност објавени денеска од Европската комисија и Европската централна банка.”

Донохју во писмената изјава нагласи дека “Овие извештаи потврдуваат дека Бугарија сега ги исполни сите потребни критериуми за членство во Еврозоната – клучна пресвртница на нејзиниот пат кон усвојување на еврото.”

Според неговите зборови, Еврогрупата континуирано ја поддржуваше стремежта на Бугарија да влезе во Еврозоната и ќе продолжи интензивно да соработува со бугарската Влада во врска со следните фази од процесот на приклучување.

“Ваквиот развој ја одразува трајната стабилност и привлечност на нашата заедничка валута. Со нетрпение очекувам да ја пречекам Бугарија во семејството на Еврозоната од следната година”, додаде Донохју.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во објава на платформата Икс истакна дека од денес Бугарија е поблиску до усвојувањето на еврото, што ќе резултира со повеќе инвестиции и трговија со партнерите од еврозоната, како и поголема стабилност и просперитет за бугарскиот народ. “Бугарија, исто така, ќе го заземе своето заслужено место во обликувањето на одлуките за Еврозоната. Честитки!”, додаде Фон дер Лајен во објавата.

Европската комисија денеска го презентираше Извештајот за подготвеноста на Бугарија за воведување на заедничката европска валута, во кој се оценува дека државата ги исполнува условите за влез во Еврозоната од следната година. Еврокомисијата во Извештајот му препорачува на Советот на ЕУ да го одобри приемот на Бугарија во Еврозоната од 1 јануари 2026 година. Според оцената на ЕК, бугарската економија е адекватно подготвена за пристап кон Еврозоната, а националното законодавство е во согласност со европското.

Препорака за прием на Бугарија во Еврозоната од наредната година во свој Извештај даде и Европската централна банка (ЕЦБ). По денешните препораки на ЕК и ЕЦБ, се активира законската процедура за пристап дефинирана со правилата на ЕУ.

Препораките најпрво ќе бидат дискутирани на состанокот на Еврогрупата, составена од членките на ЕУ кои го користат еврото како национална валута. Состанокот е планиран за 19 и 20 јуни. После ова, се очекува одлуката да биде ратификувана на Самитот на ЕУ закажан за 26 и 27 јуни, како и од Европскиот парламент на 30 јуни.

Врз основа на овие потврди, Советот на ЕУ на 8 јули би требало да се произнесе за официјален прием на Бугарија во Еврозоната. Одлуката се носи во три фази, од кои за одредување на курсот на левот кон еврото е потребен консензус од сите земји членки, додека за одобрување на останатите две фази е неопходно квалификувано мнозинство.

Според Договорот за Европската Унија, секоја држава при влезот во ЕУ се обврзува да го усвои еврото, но не постои утврден временски рок за тоа. Исклучок од ова правило е Данска, која со договорот за пристапување кон ЕУ побара да биде ослободена од обврската за воведување на еврото.

За да се приклучи кон Еврозоната, секоја држава мора да ги исполнува Мастришките критериуми, кои наложуваат ниска инфлација, буџетски дефицит на ниво под три отсто од БДП, јавен долг под 60 проценти од БДП, најмалку двегодишно учество во Европскиот механизам на девизниот курс (ЕРМ 2), како и просечната номинална долгорочна каматна стапка да биде повисока за најмногу два процентни поени од просечните камати во трите држави на ЕУ со најниска инфлација.

Бугарија, која стана членка на ЕУ на 1 јануари 2007 година, на 10 јули 2020 година се приклучи кон механизмот ЕРМ 2, кој популарно се нарекува “чекална за Еврозоната”, од кога девизниот курс на бугарскиот лев е врзан за еврото.

Софија првично планираше Бугарија да влезе во Еврозоната на 1 јануари 2024 година, но оваа цел не беше постигната поради високата инфлација, чиј пораст се припишуваше на Ковид пандемијата и руската инвазија врз Украина, но и поради политичката нестабилност во државата и неможноста за формирање стабилна Влада.

По очекуваното приклучување кон Еврозоната, Бугарија ќе стане нејзина 21-ва земја членка. Освен Бугарија и Данска, членки на Еврозоната меѓу државите од ЕУ не се ни Полска, Романија, Унгарија, Чешка и Шведска.
сп/ Фото: Икс . Извор: МИА