Table of Contents
Совети побаравме од Дора Попова Узуновски, психолог, м-р по психолошки науки, психотерапевтка, гешталт-терапевтка и советничка за кариера
За луѓето кои се сомневаат во сопствениот изглед, кои имаат намалена самодоверба, кои постојано се споредуваат со другите и имаат потреба од туѓото одобрување, социјалните мрежи можат да станат плодна почва за развој на депресија. Како што се нижат фотографиите од атрактивните инфлуенсерки на Инстаграм, така расте фрустрацијата кај девојката со разнишана слика за себе. Сè друго се поништува, и тоа колку е паметна, и колку други квалитети поседува, и колку е успешна… За неа најважно е тоа колку лајкови добила, колку луѓе ја следат и ѝ се восхитуваат. Сè друго станува безначајно. Влијанието на социјалните мрежи е неоспорно, а последиците се неизбежни, па како да се заштитиме себеси и да изградиме здрава слика за себе и сопственото тело? Најважно е да бидеме нежни кон себе, а како тоа практично да го примениме, ни објасни психологот и психотерапевтката м-р Дора Попова Узуновски.
Кому му го покажувате вашиот излог?
Секој од нас има свој „излог“ – тоа е оној дел од нашата личност што сакаме да им го покажеме на другите. Исто како во продавница, во излог го ставаме најубавото што го имаме. Социјалните мрежи ни овозможуваат да го уредиме својот излог до перфекција, но таму некаде помеѓу совршената изложена роба и робата во магацинот, лежи анксиозноста и стравот од разоткривањето на вистината.
„Социјалните мрежи се совршена подлога за инвестирање во сликата за себе, но не баш и во себе. Сепак, инвестирањето во сликата за себе и не е така лошо, сите ние имаме одредена слика за себе која подразбира некаков идеал што се стремиме да го достигнеме. Проблемот настанува кога таа слика за себе е далеку од реалноста во којашто живееме. Тогаш, тоа се претвора во лага, а на лагата ѝ се куси нозете. На пример, ако објавиме слики од себе со фотошопирано тело, а тоа нема никаква врска со реалноста, кога ќе се сретнеме со луѓето, тие добиваат негативен впечаток за нас. Но ако редовно вежбам и на социјалните мрежи го прикажувам моето тело близу до она што го имам во реалноста, тогаш сликата за себе барем до некаде кореспондира со она што навистина го инвестирам во себе“, објаснува психологот и додава дека споредбите се залудни.
„Ако и јас посакувам добро тело, треба да почнам да вложувам во себе. Ако не вложувам и само завидувам, тоа нема никаква смисла. Доброто тело не е недостижно, само треба да се вложи напор за да се постигне. Луѓето кои си дозволуваат да завидуваат без да преземат нешто, самите си ја разнишуваат личната самодоверба.“
Дора укажува и на тоа дека полека се заситуваме од идејата за прикажување совршеност на социјалните мрежи:
„Барем мојот впечаток е дека во последно време луѓето се стремат да се претстават во природно светло, а со квалитетна содржина и поента. Сметам дека во таа насока почнаа да се движат и професионалните, но и личните профили. Фотографиите имаат сосема друг ефект кога се објавени со добар текст кој содржи квалитетна порака. Во ред е да изгледаме убаво, но по неколку минути треба и да кажеме нешто. А и вложувањето во совршеноста на социјалните мрежи чини многу залудно истрошено време.“
Како да изградиме телесна неутралност?
Порано многу се форсираше терминот „телесна позитивност“, кој се залага за безусловна љубов кон себе. Сега актуелен станува терминот „телесна неутралност“ што не подразбира постојана позитивност, туку свесно прифаќање на сите несовршености на телото и благодарност за сè што тоа прави за нас, без разлика како изгледа. Нашата соговорничка вели дека идејата за прифаќање на несовршеностите е наметната:
Поврзани објави
„Не постои природно човечко тело што е совршено, барем не такво како што ни се наметнува на фотографиите на социјалните мрежи. Па, зошто воопшто би го поставувале прашањето за прифаќање на сопствените несовршености, кога тие се сосема природни? Прво, идејата дека тоа се несовршености е наметната, а потоа идејата за прифаќање на тие несовршености, повторно е наметната. Зошто воопшто да се мачам да прифатам нешто што е такво какво што е? Се разбира дека е потребна грижа за себе и за телото. Гојазноста, пред сè, не е добра за здравјето на личноста, а дури потоа доаѓа на ред изгледот. Секој од нас треба да вложува барем оптимум во здравјето, кое зависи од исхраната, умерената физичка активност, изложеноста на сонце и светлина, здравите пијалаци, доволниот сон и слично, но најважно од сè е тоа како се чувствуваме. За жал, познавам многу луѓе кои вложуваат во телото, но не и во менталното здравје. Многу од тие луѓе веќе не се живи меѓу нас. Изгледот е само манифестација на внатрешното здравје и на тоа како се чувствуваме.“
Како да поставиме граници?
Во морето филтрирани фотографии на Инстаграм, неизбежно е правењето споредби, особено во летниот период. Всушност, социјалните мрежи можат толку многу да нè проголтаат што по некое време можеме да изгубиме чувство за реалноста. Сигурно ви се случило тоа кога сте потрошиле со часови на гледање видеа и анализирање туѓи слики. Како сте се чувствувате по една таква самоуништувачка сесија? Веројатно не баш најдобро. Па како да го ограничиме влијанието на социјалните мрежи врз нашата слика за себе?
„Мораме да правиме разлика меѓу двата света. Светот на социјалните мрежи и светот во реалноста. Кога ние ги гасиме социјалните мрежи, доаѓаме во контакт со реалноста. Треба да разбереме дека социјалните мрежи служат само како платформа која ни овозможува да се претставиме себеси, но тоа не значи дека треба да живееме на нив. Социјалните мрежи се нашиот маркетинг и ние сите, повеќе или помалку, се продаваме преку нив. И тука треба да заврши приказната. Сосема е во ред да прикажеме каков животен стил имаме или кои се услугите што ги нудиме, но треба да знаеме која ни е поентата, со која цел го правиме тоа и која ни е публиката. Дали тоа го правиме само заради забава, дали затоа што сакаме да станеме инфлуенсери, дали сакаме да продаваме и слично. Но тоа треба да го разграничиме од нашата реалност. Не можеме да избегаме од социјалните мрежи, тие се составен дел од нашиот живот, но сепак не се нашиот живот“, заклучува Дора Попова Узуновски.
Будење на љубовта кон себе
Не можеме да ја прифатиме сопствената телесност, без целосно да се сакаме себеси. Кога човекот се прифаќа себеси во целост, тој го прифаќа и своето тело. Сепак, Дора укажува на погрешниот концепт што се има развиено околу прифаќањето на себеси:
„Прифаќањето не значи дека ако сум гојазна, треба да кажам ‘се прифаќам себеси ваква и многу ми е убаво’. Честопати луѓето вака го доживуваат прифаќањето и тоа е погрешно. Прифаќањето значи дека, точно, ги прифаќам сопствените недостатоци, не се осудувам поради нив, разбирам дека тие се моите капацитети во моментов, но полека вложувам во себе за да го променам тоа. Нежно и согласно со моите можности, во свое темпо, без да се измачувам емоционално и физички. Врвна техника за будење на љубовта кон себе е медитацијата при којашто стапуваме во контакт со своето срце и учиме да комуницираме со него.“
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: Приватна архива, Pixabay