Додека се договараат директорските позиции, мандатарот Мицкоски најавува кратење на институции и позиции во администрацијата. Дел од работите ќе се случат во првите 100 дена од функционирањето на новата Влада. Не откри точни кои институции ќе згаснат. Но, она што се знае е дека во здравството повеќе нема да има економски директори. Ќе се намали и бројката на пратеници, а ќе се укине и позицијата заменик.
„Идната Влада нема да има повеќе економски директори во здравствените установи низ земјава. Исто така, ќе почне и процесот со кои ќе има 100 функционери помала администрацијата. Исто така, веднаш со формирањето на Владата ќе се прави и еден Клинички центар што значи уште 50 функционери помалку. При формирањето на управните одбори има согласност таа бројка да биде за 20 проценти намалена. Следен чекор е укинување на позицијата онаму каде што постои заменик и нормално уште еден чекор, намалување на пратениците од 120 до 90, но за топа ќе треба да се отвори уставот“, вели Христијан Мицкоски, мандатар и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
И во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, пишува дека ќе се разгледува можноста за укинување на позицијата заменик – директор. Во описот стои дека со тоа ќе се зголеми ефикасноста на работата во институциите, а ќе се намалат и непродуктивните трошења.
Пишува и дека за 10 отсто ќе има помалку јавни институции.„Дозволете да ве изненадиме пријатно да не бидат 10 проценти, да бидат повеќе“, додава Мицкоски.Паралелно за само неколку дена се предложи и се изгласа закон со кој ќе се воведат нови, но и ќе се направи реорганизација на дел од постоечките министерства.Но, останува да се види дали со згаснувањето на некои позиции и институции од една, а со формирањето на новите министерства од друга страна, бројката на вработени во јавниот сектор ќе се намали нешто за што со години се зборува или пак ќе порасне.