Почетна ЕкономијаДКСК ќе го проверува финансирањето на прославата за 35 години независност

ДКСК ќе го проверува финансирањето на прославата за 35 години независност

од nenad
1 минути читај за

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвора предмет за начинот на кој биле обезбедени и распределени средствата за организацијата на одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија.

Постапката е иницирана од самата Антикорупциска комисија, во услови кога трошоците за централната прослава веќе неколку дена се тема на јавни реакции и политички препукувања.

Владата, по зголемениот интерес во јавноста, информираше дека за организацијата на прославата биле издвоени околу 5,5 милиони евра. Опозицијата, пак, инсистира на дополнителни проверки и транспарентно објавување на сите детали поврзани со начинот на организација и изборот на компаниите ангажирани за реализација на настаните.

Во рамки на предметот, ДКСК ќе го разгледува и составот на надворешната комисија која ја оценувала доставената програма за реализација на прославата.

Програмата, која според достапните информации била обемна и составена на повеќе од сто страници, била доставена од компанијата „Стардаст“, која била избрана за организатор и корисник на средствата за реализација на предвидените настани, меѓу кои и концертот на светски познатиот диџеј Дејвид Гета.

Дополнително внимание во јавноста предизвикува и фактот што со надворешната комисија која ја спроведувала евалуацијата претседавал Николче Мицевски, кој подоцна бил ангажиран и како автор на оркестрациите за настапот на познатиот оперски тенор Хосе Карерас, кој исто така беше дел од програмата за одбележување на годишнината.

Од ДКСК најавуваат дека ќе ги проверуваат сите релевантни околности и ќе ја утврдуваат фактичката состојба во врска со финансирањето, евалуацијата и реализацијата на програмата.

По завршувањето на постапката и утврдувањето на фактите, Антикорупциската комисија треба да донесе одлука на јавна седница.