Наоѓањето на рамнотежа помеѓу фискална консолидација, поттикнување на економски раст и примена на мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на стопанството претставуваат клучно прашање во околности на постојана и продлабочена геополитичка несигурност.
Ова го истакна министерката за финансии на 9-тата Меѓународна конференција „Влијанието на геополитичките промени и вооружените конфликти врз процесот на проценување“, која во организација на Комората на проценувачи на Република Македонија се одвива денес во Охрид.
„Светот денес се наоѓа во период на континуирана и продлабочена геополитичка неизвесност, во кој меѓународните случувања сѐ посилно се прелеваат врз економските текови, трговијата и финансиските пазари. Во вакви услови, економиите функционираат во средина на постојани шокови. По пандемијата, енергетската криза, инфлацискиот бран и нарушувањата во глобалната трговија, денес се соочуваме со нов слој на геополитичка нестабилност кој ја отежнува предвидливоста на економските политики и бара постојана адаптација“, потенцираше министерката во своето обраќање на панел дискусија на тема „Обликување на иднината на проценувањето во услови на брзи промени“.
Како што информираше Министерството за финансии, министерката потенцирала дека примарниот канал преку кој овие кризи влијаат на светската економија се цените на енергенсите, кои во услови на несигурност стануваат исклучително осетливи на секое нарушување во снабдувањето.
Македонската економија, како мала и отворена, е директно изложена на предизвиците со кои се соочуваат и Европа и светот. Оттука, потребна е зголемена внимателност, бидејќи секоја алка во синџирот е значајна доколку сакаме да ги ублажиме последиците.
Димитриеска-Кочоска, исто така, укажа дека е веќе започнат процес на ревидирање на постоечката Методологија за проценка на вредност на недвижниот имот, со цел попрецизна регулација за даночни цели.
нд/ев/Фото: Министерство за финансии
Извор: МИА