Почетна ЕкономијаДецата не треба само да знаат да користат AI. Треба да знаат како да размислуваат кога AI ќе им даде одговор.

Децата не треба само да знаат да користат AI. Треба да знаат како да размислуваат кога AI ќе им даде одговор.

од nenad
4 минути читај за

 

Роботиката, програмирањето и STEM сè повеќе стануваат дел од новата писменост на децата – но експертите предупредуваат дека технологијата има вистинска вредност само кога детето од пасивен корисник станува активен создавач.

Вештачката интелигенција веќе не е технологија на иднината. Таа е присутна во пребарувањето, апликациите, училиштето, игрите и секојдневието на децата.

Токму затоа во 2026 година сè поголем акцент во европското образование се става на AI-писменоста – способноста младите да разберат како функционираат AI системите, да ги проценуваат нивните одговори, да ги користат одговорно и креативно и да не останат само пасивни корисници на технологија. Европската комисија и OECD годинава претставија и посебна рамка за AI-писменост во основното и средното образование.

Но како тоа изгледа во пракса кај едно дете?

За ова разговараме со м-р Васка Медиќ, претседател и основач на Center for Technology, Robotics and Innovation – CTRI, и Јованчо Зашаровски, основач на CTRI, кои со деца работат преку роботика, STEM, програмирање, инженерски предизвици и современи технологии.

Дали денешните деца имаат премногу технологија или премалку вистинско технолошко образование?

м-р Васка Медиќ:
„Децата имаат огромен пристап до технологија, но пристапот не е исто што и знаење. Дете може со часови да користи телефон или таблет, а притоа воопшто да не разбира што стои зад технологијата што ја користи.

Наша цел е процесот да го свртиме: детето да не биде само корисник, туку да стане создавач. Да изгради робот, да му зададе логика, да направи грешка, да открие зошто нешто не функционира и повторно да се обиде. Токму таму се случува вистинското учење.“

Што тогаш значи AI образование за едно дете? Дали треба што порано да научи да користи ChatGPT и слични алатки?

Јованчо Зашаровски:
„AI образованието не треба да започне со прашањето ‘која алатка да ја користам?’, туку со прашањето ‘како знам дали ова што го добив како одговор е точно?’

Технологиите ќе се менуваат. Денес е една алатка, утре ќе биде друга. Но логичкото размислување, анализата, креативноста и способноста детето да постави добар проблем и да најде решение остануваат.“

Токму тоа е и насоката на современите европски препораки: AI да не се третира само како алатка за генерирање содржина, туку како можност за развој на критичко размислување, создавање, дигитална писменост и одговорно користење на технологијата.

Зошто роботиката е толку важна кога веќе постои AI?

м-р Васка Медиќ:
„Токму затоа што постои AI.

Кај роботиката детето ја гледа врската меѓу идејата, кодот и реалниот свет. Ако роботот не се движи како што треба, не може само да каже ‘компјутерот згреши’. Треба да анализира: Дали конструкцијата е добра? Дали кодот е точен? Дали сензорот ја чита средината? Што треба да променам?

Тоа е инженерско размислување, а тоа не се учи со гледање видео. Се учи со раце, со обиди, со грешки и со решавање проблеми.“

Има ли смисла ваквата работа да започнува уште од мала возраст?

„Да, доколку е приспособена на возраста.

Кај најмалите не зборуваме за комплициран код. Почнуваме со логички секвенци, насоки, причина и последица, конструкции, движење, едноставни задачи и работа во тим.

Интересно е што и европските образовни иницијативи во 2026 веќе вклучуваат STEM, роботика и едноставни AI активности и кај деца од предучилишна возраст, преку игра и практично истражување. “

Што им даваат натпреварите на децата што не може да го даде обичниот час?

Јованчо Зашаровски:
„На натпревар детето сфаќа дека роботот не го прави само за оценка или за наставникот. Има задача, време, правила, тим и реален предизвик.

Таму се учи нешто многу поголемо од програмирање – како да функционираш под притисок, како да ја поделиш задачата во тим, како да прифатиш дека првата идеја можеби нема да успее и како повторно да пробаш.“

Токму затоа натпреварувачката роботика во светот сè повеќе се поврзува со инженерство, тимска работа, стратегија и решавање реални проблеми, а новите натпреварувачки формати веќе вклучуваат и AI, податоци и 3D технологии.

Дали послеучилишните активности стануваат поважни од порано?

м-р Васка Медиќ:
„Не треба да бидат замена за училиштето. Треба да бидат просторот каде детето може да го примени она што го знае.

Математиката добива смисла кога со неа треба да пресметаш движење. Физиката добива смисла кога роботот треба да одржи рамнотежа. Програмирањето добива смисла кога кодот треба да придвижи нешто што сам си го изградил.

Најголемиот успех за нас не е детето да запомни команда. Успех е кога ќе каже: ‘Чекај, имам идеја како да го решиме ова.’“

Што треба родителите да бараат кога избираат технолошка програма за своето дете?

Основачите на CTRI велат дека технологијата сама по себе не е доволна.

„Не е најважно колку скапи роботи има во просторијата. Поважно е што детето прави со нив. Дали само следи инструкции или размислува? Дали создава? Дали има простор да погреши? Дали работи во тим? Дали на крајот може да објасни зошто неговото решение функционира?

Тогаш технологијата станува образование.“

Од роботика до AI – новата сезона во CTRI

Во новата учебна сезона 2026/27, Center for Technology, Robotics and Innovation – CTRI продолжува со програмите за деца од различни возрасни групи во областите на STEM, роботика, програмирање, инженерство, AI и 3D технологии, со практична работа, проекти и подготовка за нови технолошки предизвици.

Во тек е формирањето на новите групи во Скопје, а родителите кои сакаат прво да се запознаат со начинот на работа можат да закажат и истражувачки час со претходна најава.