Специјалниот советник на Стејт департментот, Дерек Шоле, по средбите со српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ во Белград, изјави дека не дошол во регионот за да поставува ултиматуми, туку да го поддржи дијалогот во соработка со ЕУ, која ја смета за партнер.
Шоле не сакаше да открие како Вашингтон ќе ја убедува Приштина да ги спроведе прифатените договори.
Тој на прес-конференцијата рече дека „се надева оти дијалогот (меѓу Србија и Косово) ќе се подобри и односите ќе се нормализираат“.
Шоле додаде дека имал разговори со претседателот на Србија, премиерот и министерот за малцински прашања и оти во разговорите било истакнато дека Србија е важен партнер и оти целта е да се подобрат односите меѓу двете земји уште повеќе:
– Најмногу зборувавме за енергетиката и на тој план ја поддржуваме Србија. Ние сме посветени заедно со ЕУ да помогнеме на европскиот пат. Разговаравме и за Косово, се обидуваме да ја смириме ситуацијата. Знаеме дека одлуките се тешки, треба да охрабруваме“ порача тој.