Животот го загуби 11 годишно девојче, а нејзината мајка се здоби со повреди откако автомобил удри во нив. Од МВР денеска излегоа со официјални детали за несреќата која кај нив била пријавена околу 22:15 часот. -На ул.„Борис Трајковски“ во Велес, патничко возило „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки, управувано од А.Н.(29) од Велес, удрило во пешаците Е.И.(43) и нејзината малолетна ќерка од Велес, по што го напуштило местото. Во несреќата, малолетничката починала на местото, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош, информираат од полицијата. Мајката на девојчето се здобила со телесни повреди кои и биле констатирани во велешката болница.
-Увид на местото извршиле Јавен обвинител и екипа на СВР Велес. По преземени мерки возилото било најдено и се преземаат мерки за расчистување на случајот, посочуваат од МВР. Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес ноќеска изврши увид на местото на сообраќајна несреќа на улицата „Борис Трајковски“ во Велес. Според првичните сознанија, до несреќата дошло кога патнички автомобил кој се движел со голема брзина, на пешачки премин удрил во две лица – мајка и ќерка кои се наоѓале на крајот од преминот за да се качат на тротоар. Од ударот, мајката паднала на земја и се здобила со тешка телесна повреда, додека девојчето на возраст од 11 години било исфрлено значително нанапред, во близина на следниот пешачки премин кај училиштето „Васил Главинов“ и од здобиените повреди починало.