„Не можев да зборувам, не можев да дишам“ – со овие зборови една од жените го започнала своето сведочење на судењето на Расел Бренд, англискиот актер, комичар и јутјубер, кој моментално се соочува со обвиненија за три силувања и три сексуални напади врз жени пред Кралскиот суд во Англија.
„Не се согласив на она што ми се случи. Во првиот момент не можев да зборувам, не можев да дишам“, изјавила жената пред судот, сведочејќи за наводното силување за кое го обвинува британскиот комичар.
Во текот на испрашувањето, таа повеќепати повторила дека не дала согласност за сексуалниот чин што го опишува, додека одбраната тврдела дека односот бил доброволен.
Адвокатот на Бренд, Ијан Винтер, повеќепати инсистирал дека жената се согласила на анален секс со неговиот клиент. Таа, сепак, одлучно го отфрлила тоа тврдење.
„Не се согласив на она што ми се случи. Тоа го повторив повеќепати во текот на испрашувањето. Во сите мои изјави јасно ставив до знаење на што се согласив, а на што не“, рекла жената.
Кога адвокатот ја прашал зошто не му кажала на Бренд да престане, таа одговорила дека била во шок и чувствувала болка.
„Но не му рековте да престане кога првпат дошло до пенетрација“, инсистирал Винтер.
„Во тој прв момент не можев да зборувам, не можев да дишам“, одговорила жената.
Еден од клучните делови од сведочењето се однесувал на околностите под кои жената отишла во домот на Бренд во лондонската населба Хемпстед. Таа потврдила дека таму заминала по сопствена волја, знаејќи дека комичарот очекувал сексуален однос, но нагласила дека тоа не значи дека се согласила на сè што се случило потоа.
„Тоа што доброволно одите некаде не значи дека давате согласност“, порачала таа пред судот.
Одбраната на Бренд се обидела да навести дека жената била вознемирена првенствено поради стравот дека можеби се заразила со сексуално пренослива инфекција. Таа го негирала тоа.
Според нејзиното сведочење, очекувала вагинален сексуален однос со употреба на кондом, а не она што, како што тврди, не го посакувала ниту го прифатила.
„Мислев дека ќе имам вагинален секс со пенетрација и со кондом. Јасно кажав што беше доброволно, а што не беше“, изјавила таа.
На прашањето дали разговарала со Бренд за анален секс, жената одговорила негативно. Негирала и дека се договориле да имаат таков однос.
„Тоа не се случи“, рекла таа, видно вознемирена додека ги слушала тврдењата на одбраната.
Во текот на испрашувањето, Винтер изнел тврдење дека Бренд ѝ кажал на жената дека повеќе сака анален секс и дека сака да го отстрани кондомот за да ејакулира во неа. Според верзијата на настаните што ја претставил адвокатот, жената знаела каков сексуален однос посакувал комичарот.
Таа, сепак, останала на ставот дека тоа не е она што се случило. Адвокатот сугерирал и дека жената отишла во домот на Бренд исклучиво поради секс и дека била свесна за природата на нивната средба.
„Не мислев дека ќе станам негова девојка“, рекла жената, потврдувајќи дека знаела оти Бренд очекувал сексуален однос, кој адвокатот го опишувал како однос со заемна согласност.
Сепак, таа нагласила дека тоа не значи оти се согласила на секој сексуален чин.
Одбраната отишла и чекор понатаму, тврдејќи дека жената била опседната со Бренд и дека токму поради тоа се согласила на сексуални активности со човек кој, како што било наведено во текот на испрашувањето, практично ѝ бил странец. Таа го отфрлила таквото толкување.
Поврзани објави
Зборувајќи за нивната прва средба во соблекувалната, по настапот на Бренд, жената изјавила дека не би се согласила на орален секс со непознат маж доколку не станувало збор токму за него.
„Дали би запознала некого, а потоа би му пружила орален секс ако не беше позната личност како него? Не“, објаснила таа, посочувајќи дека неговиот јавен статус имал улога во нејзината одлука да го запознае.
Отишла на неговиот настап, а потоа и во неговиот дом
Жената пред судот зборувала и за тоа како го запознала комичарот. Таа присуствувала на неговиот настап во салата „Хамерсмит Аполо“, по што дошло до нивната средба. Потврдила дека во неговиот дом отишла доброволно и дека во тој момент била запознаена со неговата репутација, но нагласила дека тогаш не слушнала дека Бренд силувал некого.
„Апсолутно мислам дека мојата одлука се темелеше на фактот дека тој беше јавна личност и некој кого го следев“, рекла таа.
Адвокатот ја прашал дали знаела дека Бренд е познат по бројните сексуални врски со жени. Жената одговорила дека не мисли оти го знаела тоа, но потврдила дека била запознаена со неговата општа репутација.
Одбраната на Бренд се обидела да ја истакне и атмосферата на неговите настапи во тој период. Винтер потсетил дека на комичарските претстави жените понекогаш фрлале градници на сцената и ги кревале маиците за да ги покажат голите гради. Жената рекла дека не видела такви сцени.
Адвокатот признал и дека хуморот и односот кон жените што биле присутни во настапите на Бренд во 2009 година денес веќе не би биле прифатливи во иста мера.
„Работите се променија од тогаш до денес“, рекол тој, додавајќи дека општествениот однос кон таквото однесување кон жените суштински се променил.
„Ме замоли да се истуширам затоа што косата ми мирисала чудно“
Во текот на сведочењето било отворено и прашањето за алкохолот што жената наводно го консумирала на денот на спорниот настан. Адвокатот на Бренд ја прашал колку пиела и дали комичарот ѝ рекол дека чувствува мирис на алкохол од неа. Жената одговорила дека Бренд побарал од неа да се истушира.
„Ме замоли да се истуширам затоа што рече дека косата ми мириса чудно“, изјавила таа.
На дополнителното прашање дали ѝ рекол дека чувствува мирис на алкохол, таа одговорила дека не може да се сети.
Жената пред судот зборувала и за својот тогашен емотивен живот. Потврдила дека имала партнер кого многу го сакала и дека заминувањето на средбата со Бренд го доживувала како голема грешка.
„Имав партнер кого навистина го сакав и направив голема грешка“, рекла таа.
Кога адвокатот ја прашал дали знаела дека одењето во домот на Бренд може да биде последниот удар за нејзината тогашна врска, одговорила дека за неа она што се случило на настапот во „Аполо“ веќе го означило крајот на таа врска.
И покрај тоа што признала дека доброволно отишла во домот на комичарот, таа останала на тврдењето дека не се согласила на аналниот секс што го опишува во своето сведочење. Одбраната на Бренд, од друга страна, и понатаму инсистира дека сексуалниот однос бил доброволен и го оспорува исказот на жената.