Почетна Убавина и здравјеДа се биде столб и во семејството и во бизнисот е огромна одговорност, но и сатисфакција – Убавина и здравје

Да се биде столб и во семејството и во бизнисот е огромна одговорност, но и сатисфакција – Убавина и здравје

од nenad
9 минути читај за

Прво ја освои јавноста со иновативните и автентични модни креации, а потоа ја докажа својата оригиналност со урбаните објекти за квалитетно домување. Сопственичката и генерална менаџерка на ЕЛЕНА ЛУКА и ЕЛЕНА ЛУКА ХОУМ, Елена Пандева, секогаш се стреми кон уникатност и квалитет, и токму тоа е најизразената карактерна нишка што ги поврзува нејзините две навидум различни бизнис-приказни.

Преку спојот на модата и архитектурата, таа испреплетува една неповторлива приказна, која го прави светот поубав од секој можен аспект, а долгогодишните лојални клиенти се најголемиот доказ за нејзината успешна работа.

Кога ќе се навратите назад во времето, како се имаат менувано вашите визии и приоритети во работата?

Природно е со текот на времето амбициите, соништата и визиите да прогресираат и да се менуваат, но постои еден битен фактор што ги дефинира и останува константа – а тоа е карактерот. Уште од најмала возраст растев покрај татко градежник, кој ми ги пренесе трудољубивоста и дисциплината во работата, а понатаму, тоа имаше клучно влијание во градењето на мојот профил како бизнис-жена.

Од друга страна, секогаш сум имала афинитет кон уметноста во сите нејзини димензии, па веројатно овој спој придонесе да се засили желбата паралелно да ги градам своите светови во модата и архитектурата, а притоа да останам доследна на моите движечки принципи и на мојот карактер.

Покрај семејната историја во градежништвото долга четири децении, во вистинскиот момент на професионална зрелост ја почнав успешната приказна на ЕЛЕНА ЛУКА, која направи револуционерен развој и сериозен раст во модата во Македонија, со визионерски пристап на работа, што како бренд нè издигна далеку над стандардите кои постоеја на пазарот.

Неколку години подоцна, како надоврзување на сето она што успешно го работев целиот живот, ја почнав и приказната на ЕЛЕНА ЛУКА ХОУМ – бренд што ја предводи градежната индустрија со изградба на ексклузивни станбено-деловни објекти, кои на нашите клиенти им нудат максимално квалитетен, иновативен и модерен животен стил.

Во делот на медиумите, горда сум на најдобриот моден онлајн-магазин FashionEL.mk powered by ELENA LUKA, кој има своја исклучително успешна приказна. Со својата одлична содржина, конзистентност и професионалност, FashionEL.mk е медиум на светско ниво. Бескрајно сум благодарна што ги направив вистинските чекори во вистинско време.

Кои особини мора да ги поседува една жена за да успее во светот на бизнисот?

Како жена во бизнисот, потребни се храброст и решителност, свесност дека ти си креаторот на своите бесконечни можности. Кога имате амбиција да водите свои бизниси, треба да бидете подготвени на одговорност, посветеност и постојано професионално надградување и едуцирање. Динамиката на модерното живеење е буквално немилосрдна, затоа држењето чекор со тенденциите во бизнисот е еден од клучните фактори. Истовремено, треба да останете свои, автентични и препознатливи, затоа што уникатноста секогаш гарантира успех.

Кој е најголемиот професионален, но и личен предизвик со кој се имате соочено низ годините?

Мојата најбитна задача како лидер и визионер е носење клучни одлуки и креирање на големата слика во бизнисот. Тоа е најодговорниот, но и најатрактивниот дел од работата, кој духовно ве надградува и без кој не можете да застанете на лидерска позиција.

Предизвиците никогаш не ги сфаќам како проблем, туку како уште една шанса да си докажам себеси дека можам да ја надминам секоја ситуација, колку и да е непредвидлива. Тоа во бизнисот е секојдневие, како и во животот, генерално. А со секој предизвик учиме и тоа секогаш може да го искористиме во своја полза.

Доколку работите паралелно во повеќе бизниси како мене, клучно е да научите добро да менаџирате со секоја ситуација која е надвор од вашата комфорна зона, затоа што така професионално се расте и се созрева. Мултименаџирање, брзина, фокус и уникатна идеја се едни од најзначајните квалитети што треба да ги поседувате за успешно да одговорите на секој предизвик.

Честитки за вашето признание за најдобра Е-продавница основана од жена!

Ви благодарам! Успесите на ЕЛЕНА ЛУКА секогаш биле вреднувани и признаени, што претставува огромна мотивација за мене, како сопственик на брендот. Чест ми е што визионерскиот пристап на ЕЛЕНА ЛУКA, повторно беше признаен од организаторите на E-commerce Awards и публиката која перманентно ги следи работата и успесите на брендот.

ЕЛЕНА ЛУКА оваа година  го освои првото место во категоријата „најдобра е-продавница основана од жена” и ова е видлив резултат и верификација за работата на брендот, во делот на онлајн-продажбата, каде што сме присутни повеќе од десет години.

Нескромно ќе кажам дека сосема заслужено ја добивме оваа награда, затоа што иницијативата за онлајн-продавница наменета за облека за жени потекнува од многу одамна, кога практично никој во Македонија сè уште не работеше на тој аспект од онлајн-продажбата. Тоа што нашиот успех е забележан ме прави особено среќна, бидејќи така знам дека ЕЛЕНА ЛУКА е на вистинскиот пат.

Кое досегашно достигнување го сметате за ваш најголем успех, на професионален и приватен план?

Горда сум што мојот син Лука созрева во една прекрасна доблесна личност. Тоа е лично мојата најголема среќа, која ми дава мотивација за уште поголеми успеси. ЕЛЕНА ЛУКА се профилираше како бренд од светски ранг со огромен удел во модата, а ЕЛЕНА ЛУКА ХОУМ ги предводи стандардите во градежната индустрија. Не е едноставно, но резултатите од сета наша работа ни носат огромна сатисфакција, а најрелевантните сведоци за тоа се нашите задоволни клиенти.

Неодамна организиравте раскошно Bridal Show во евент-центарот „Цар Самуил“ во Струмица…

Раскошните и авангардни венчаници се една од најпрепознатливите карактеристики на ЕЛЕНА ЛУКА. Токму затоа одлучив да ги спојам двата бренда, ЕЛЕНА ЛУКА и евент-центарот „Цар Самуил“ во една магична вечер со спектакуларно модно шоу. Подготовките беа комплексни со едно специфично сценарио, кое покрај ексклузивната модна ревија, вклучуваше и богата програма со музички ѕвезди и интерактивен дел што на целиот гламур му додаде уште една забавна нота.

Актуелната колекција луксузни венчаници, што беа промовирани вечерта, предизвика восхит кај публиката, во пакет со целиот концепт. Со сериозна техничка изведба, уникатни дизајни и ексклузивни ткаенини и материјали, секоја венчаница е приказна за себе, посебна и неповторлива – во тоа е најголемата вредност на оваа луксузна линија венчаници на ЕЛЕНА ЛУКА, за која има огромен интерес кај нашите клиенти.


Поврзани објави

Евент-центарот „Цар Самуил“, всушност, е вашата најнова бизнис-приказна.

„Цар Самуил“ има една сериозна традиција и оваа сала постои од 1984-та година. Меѓутоа, по долго време се направени големи инвестиции, во однос на сите сегменти на хотелот, вклучувајќи ја и салата која сега доби еден сосема нов изглед со реновирање на просторот, проследено со најнова технологија, со ефекти и можности за реализација на различни настани, од семејни веселби до најразлични професионални и бизнис-настани, кои може одлично да се изработат со сериозна логистика и поддршка од комплетниот тим на „Цар Самуил“.

Што го окупира вашето внимание моментално? Наоѓате ли време за одмор?

Иако реално време за одмор нема, работата за мене секогаш е уживање. Тоа е мојот начин на живот. Работиме на сериозни проекти во ЕЛЕНА ЛУКА ХОУМ, со актуелните премиум станбено-деловни објекти FUTURA 2 (Општина Кисела Вода), MELODY (Железара, Општина Гази Баба) и CONNECT 5+ (Општина Аеродром) и трите претставници на највисоките светски стандарди во градежништвото.

Паралелно, во сегментот на модата, во ЕЛЕНА ЛУКА се работи на неколку нови сезонски колекции, во луксузниот и во ready-to-wear програмата, кои ќе бидат уникатно освежување на модната сцена.

Покрај модата и архитектурата, имате ли и други интереси и пасии? Како го исполнувате слободното време?

Тие што ме познаваат, знаат дека уживам и живеам со музиката. Буквално денот ми почнува со музика, така се мотивирам. Почитувам различни жанрови и артисти и голем дел од моето време е исполнето со музика. Таа ми дава енергија, ме исполнува во креативниот процес. Еден од актуелните објекти на ЕЛЕНА ЛУКА ХОУМ го носи називот MELODY, инициран токму од мојата љубов кон музиката.

Денес од жената се очекуваат многу работи: да биде добра мајка, да биде успешна во кариерата и притоа секогаш да наоѓа време за себе и за блиските. Како се снаоѓате со овој притисок?

Во целиот тој комплексен начин на живеење, мислам дека успешно постигнувам да изменаџирам секаде. Доброто менаџирање на времето и приоритетите е клучно, како и квалитетниот тим, кој ме следи во чекор и ми помага во реализацијата на обврските. Сметам дека постигнувам секаде да дадам свој придонес за поквалитетно живеење. Без разлика на тоа колку ангажмани имам, секогаш сум во тек со сите обврски и работни активности.

Во постојана комуникација сум со мојот тим, а честопати имаме и онлајн-состаноци што е многу ефективно кога се работи паралелно на повеќе проекти. Независно од сите обврски, да се биде столб и во семејството и во бизнисот е огромна одговорност, но и сатисфакција. А тоа се постигнува само со многу љубов и со Божја помош.

Вашиот син Лука веќе е возрасен младич. Каков однос градите со вашиот син и кои вредности се стремите да му ги пренесете?

Лука е мојата најголема и најискрена поддршка и обратно. Како и секоја мајка, за мене нема поголема радост и исполнетост кога ги гледам неговата среќа, успесите, талентот, но, пред сè, хуманоста.

Веќе е доволно возрасен за да изгради своја перцепција и свои принципи во животот, а јас се трудам да му пренесам вредности кои сметам дека ќе му помогнат да си го трасира својот пат, независен, со самодоверба и доследен на себе. Сериозно е талентиран, креира своја квалитетна музика и сметам дека е одличен продуцент, максимално посветен во своето музичко студио. Очекувам дека ќе постигне голем успех во животот.

Каква трага се надевате дека ќе оставите во општеството преку сите ваши дејности?

Сметам дека преку моето дејствување веќе имам оставено траен позитивен удел, пред сè, како човек, а потоа и како бизнис-жена. За моето позитивно влијание говорат луѓето со кои комуницирам или сме имале соработка во која било сфера. Сè што работам е со амбиција да стане безвременско, а такво станува само ако е вредно.

Што можеме да очекуваме следно од ЕЛЕНА ЛУКА и ЕЛЕНА ЛУКА ХОУМ?

Во модниот свет веќе почнува новата сезона, а ЕЛЕНА ЛУКА подготвува ексклузивни модни деликатеси за својата публика. Покрај атрактивните и актуелни колекции од луксузната програма и линијата венчаници, веќе се работи на новата ready-to-wear колекција, а паралелно, секојдневно се продуцираат нови уникатни, персонализирани модни уметнички дела.

Светот веќе одамна ја запозна ЕЛЕНА ЛУКА, но секогаш е интересен предизвик да се излезе од сопствените граници. Во таа насока, работиме на еден ексклузивен проект, за кој наскоро ќе ја информираме јавноста.

ЕЛЕНА ЛУКА ХОУМ со полн капацитет работи на својата мисија да им обезбеди максимално квалитетен и ексклузивен животен стил на своите станари, според највисоките светски стандарди. FUTURA 2 како дел од огромниот проект FUTURA Complex, станбено-деловниот објект MELODY, како и станбениот објект CONNECT 5+ се нашиот главен фокус со долгорочна стратегија да создаваме безвременска и атрактивна архитектура.

FashionEL.mk, најпознатиот и најквалитетен моден портал, е сериозен медиум со своја долгогодишна лојална публика, токму поради квалитетните содржини што ги нуди.

Оваа сезона ја почнуваме со нов, ултрамодерен дизајн на веб-страницата, што го прави уште поатрактивен и привлечен за публиката, и токму тоа е уште една од фокусните точки на кои периодов сум посветена заедно со мојот тим.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ЕЛЕНА ЛУКА