Почетна БалканДаниловски за новиот ковид бран во Македонија: Мене и Пановски никој не не слуша…

Даниловски за новиот ковид бран во Македонија: Мене и Пановски никој не не слуша…

од nenad
10 минути читај за
t

Докторот Драган Даниловски, во гостувањето на ТВ Сител, се огласи по повод новиот ковид бран за кој што медиумите се повеќе пишуваат.

-Транскрипт од разговорот во „Тема на денот“ на Сител Тв, 22 септември 2023 година, објавен во претходниот пост
(за оние што претпочитаат да читаат)

Водителот: Пребродивме една пандемија која остави сериозни последици, би рекол, не само врз физичкото туку и врз психичкото здравје на населението. Прво што сакам да ве прашам е дали со најавите од страна на комисијата или од Владата за повторно задолжително носење маски, пред сѐ, во болниците и аптеките, почнува повторно да се создава некаква психоза кај населението?

ДД: Па, јас мислам дека психоза е неизбежно да почне да се создава, особено затоа што последниве три години колку што трае пандемијата, се создаде еден вид преосетливост, сензибилизираност на самото изговарање на зборот ковид, а камоли па и вакцина. Така што, може да се разбере тоа од психолошка гледна точка, дека на народот му е „преку глава“ или сака што побрзо било што, што е како тема врзано за ковидот и пандемијата, да го затвори некаде, во заборав да го фрли. Меѓутоа, факт е дека од самиот почеток зборувавме, дека ковидот кога се појави прв пат, наиде на една т.н. „наивна“ популација од имунолошка гледна точка којашто не знаеше како да се брани, имунитетот не беше подготвен.

Арно ама, малку на „калдрма“, малку на „бандажи“, малку полесно, малку потешко, светот се обезбеди, да кажам така, со еден солиден колективен имунитет – кој со вакцинација, кој со прележување или комбинирано. И можеме да кажеме дека – што е карактеристика на сите респираторни вируси па и на овој – новиот корона вирус си „легна на брашното“, (еве, народски ќе кажам), му се „избија забите“, се сведе практично на вирус којшто предизвикува воглавно лесна клиничка слика, во просек.

Затоа што, од една страна, самиот се менуваше, еволуираше така за на било каков начин, по секоја цена, да остане на „сцената“, да не биде сузбиен, да не биде совладан. И единствена шанса му беше да мутира, така што да создава сопствени варијанти коишто претходно стекнатиот имунитет кај „жртвите“, луѓето, да може да го заобиколува. Ама, јас вообичајувам да кажам еден израз, не му се „исплати“ брзо да ги убива жртвите, затоа што подвижна жртва подалеку го распространува, по таа некоја „логика“ на вирусот. Ако воопшто може да се зборува за логика.
И така, се соочивме со тоа (кажавме и порано) вирусот да остане меѓу нас како ендемски вирус, заедно со другите причинители на респираторни инфекции (настинки, грип).

И еве, сега сме сведоци, на сцена да имаме нова варијанта или подваријанта, којашто практично потекнува од Омикрон, значи, лесна варијанта којашто единствено има карактеристика што е многу мутирана на оној делот, шилецот со кој врши заразување, за да го заобиколува имунитетот стекнат кај луѓето. Арно ама, ние и понатаму имаме длабок имунитет којшто штити од тешка болест и смрт.

Најзагрозени остануваат и понатаму, исто како кај грипот што е ситуацијата, старите луѓе, хронично болните луѓе и оние со компромитиран имунолошки систем независно од возраста.

И сега – да се вратам на комисијата – затоа, со оглед на тоа што сега имаме една таква „таргет“ ризична популација којашто треба да се заштити, независно од тоа што вирусот предизвикува лесни симптоми, очекував, искрено да ви кажам, не само да се каже онака лаконски „ќе биде задолжително маска да се носи во болниците“, односно Клиничкиот центар, (тоа е логично, зашто таму е концентрацијата на болни од разни видови најголема), туку да биде советувано на општата популација да пројави малку повеќе свест и совест, ако има симптоми, (особено помладиве), да има разбирање за колегите на работа па да си стави маска.

Врз основа на моралот личен и етичноста некоја лична, значи, не само во болница туку во било кое место каде што, ако јас имам симптоми, фер е да си ставам маска за да не ве заразам – на работно место или во продавница, банка или било каде.

Водителот: Но, еве интересен податок. Читајќи ги коментарите на социјалните мрежи, луѓето се во недоумица. Слушнавме во извештајот дека има зголемен број вирусни инфекции, пред сѐ, тука мислам на респираторни, нели. Но, не слушнавме бројка за растот на потврдени ковид пациенти и од каков сој. На што се должи тоа? Зошто сѐ уште институциите, според вас, не почнаа да ги регистрираат или да ги бројат?

ДД: Па, прво заради тоа што вирусот предизвикува лесна клиничка слика. Значи, луѓето кога ќе се инфицираат, таа инфекција ја доживуваат како обична настинка, било со температура или без температура. Обично експлозивно се јавува температурата, па поминува за ден-два, се јавуваат болки во мускули итн. – и се самолекуваат. Веќе научија, исто како за настинките, со течности, пробиотици, пребиотици итн.

Тука сега мала дигресија ќе направам… За жал, сѐ уште имаме појава, за лесни вакви клинички слики да се ординираат антибиотици од страна на голем број од докторите…

Водителот: … најголемата грешка!

ДД: …што мене, вака, ми е поразително, ми е жал, затоа што еве, и јас и професор Пановски и други, практично три години ние во тек на пандемијата џабе трошевме зборови и време! Како никому ништо да не му влегло в глава! Но, тоа е друга тема, затоа што од друга страна, таква злоупотреба на антибиотиците може да доведе до едно рушење на имунолошкиот систем и до непотребно подолго траење на вирусната инфекција. Да не зборуваме за долгорочни последици – резистенција на бактериите кон антибиотици итн.

Водителот: Неколку податоци имаме, еве. Би сакал да ги коментирате. Чинам, неодамна, беше објавен еден податок дека 18 лица биле тестирани, 8 потврдени на ковид-19. Втор податок вели дека во аптеките сѐ повеќе ги снемува брзите тестови, што значи дека граѓаните се сомневаат и се тестираат. Што кажуваат овие информации, дека дури и да е распространет ковидот, луѓето нема да сакаат да си го кажат тоа, да го признаат?

ДД: Мислам дека тоа што официјално е регистрирано, 112, 115… 1015 нека се, тоа е само врв од леден брег. Практично, сигурно реалниот број е којзнае колку голем. Јас имам контакти со колеги – матични доктори од примарната здравствена заштита… Врие од пациенти со респираторни симптоми. И мене ми се јавуваат луѓе, прашуваат што да прават, како да прават… Ама, тоа е нешто што не се регистрира официјално во системот.

Меѓутоа, добро е тоа. Прво е добро затоа што луѓето се свесни дека опасноста е мала. Луѓето знаат дека ако им се влоши состојбата, не може да не отидат во болница. Значи, веќе сме адаптирани на ситуацијата – и психолошки, ако сакате, и имунолошки на вирусот и битисуваме еден покрај друг – вирусот и ние.

Овие вакви „испади“ негови, со тоа што ќе мутира одвреме-навреме и ќе се јави некој Ерис или Пирола или некој друг понатаму – тоа ќе биде редовна појава.

Единствено „чаре“, освен психолошката наша адаптација, би било да поработиме малку на нашиот имунолошки систем. А тоа како ќе го постигнеме? Со малку повеќе посветување внимание на нашето општо здравје. Па, ние во Македонија сме меѓу популациите со најлошо здравје во Европа, ако не и пошироко! Премногу нѐ има со хронични болести, премногу има „неподвижни“, така да ги наречам.

Водителот: …шампиони во загаден воздух…

ДД: „Башка“ загаден воздух, „башка“ недвижење, се храниме најнездраво. Сега, ќе рече некој, ама нема пари… ОК, ама јас важно теоретски да си кажам дека и тоа е фактор.

А доброто здравје е гаранција за еден силен имунолошки систем, кој полесно, особено кај постарите, ќе се справи со можни идни закани. Зашто, вирусот е т.н. РНК вирус и тој нема да мирува. Тој и понатаму ќе се менува и ќе се соочуваме со вакви епизоди и понатаму. Ама, ништо страшно, не би требало тоа да нѐ потресува премногу.

Водителот: Најдов податок дека околу 30 има досега мутирани варијанти на вирусот, со последниот сој којшто е сѐ уште непотврден, морам да признаам. Дали сметате дека досега постигнавме колективен имунитет, ако се земе предвид дека граѓаните или пациентите често ги мешаат или не сакаат да знаат дали е тоа ковид или (друг) респираторен вирус.

ДД: Дефинитивно постои еден широк, масовен, моќен колективен имунитет. Не мислам само во Македонија, туку мислам генерално во светот. Зашто, инаку, ќе имавме „џепови“, избивања на голем број случаи во посилна форма некаде во светот. Значи, секаде е тоа случај, колективен имунитет има. Што значи тоа колективен имунитет? Тоа е оној имунитет т.н. длабокиот, клеточниот. Тој останува трајно. Организмот го памти вирусот со којшто имал контакт речиси доживотно.

Колку сака тој може да се маскира, да поприма разни облици, за да може одбраната да ја заобиколи, ама, тоа е само на површно ниво, на ниво на заразување. Она што е базична заштита на организмот, таа си останува. И тоа е, всушност и едно од објаснувањата зошто практично имаме пораст на инфекции, на случаи, независно колкав е тој број, ама, немаме хоспитализации. Или имаме на прсти да ги изброиш. Така е и во светот, освен во Америка (и Обединетото Кралство – мое дополнение на текстот). Почнаа таму да се потресуваат дека многу хоспитализации им се јавиле од Ерис. Ама, тие се стара популација, имаат многу стари лица таму.

Водителот: Дали има смисол сега повторно да се апелира на вакцинирање или не знам која по ред „бустер“ доза или за овие три години веќе се создадоа и медикаменти коишто можат да помогнат полесно да се преброди ковид кризата, зборувам за лична ковид-криза на лицата заразени со ковид.

ДД: Тоа со вакцините ќе стане актуелно со оглед на таа еволуција, надолна линија што вирусот ја покажа и нашиот колективен имунитет којшто останува трајно висок. Веќе сега не е „интересно“ да се апелира – како што правев порано – што помасовно да се вакцинираме, туку сега веќе сѐ се сведува на она што значеше совет во врска со грипот.

Значи, само оние што се ризични групи – стари, хронично болни, да не ги повторувам – само ризичните групи да си размислат еднаш годишно да се вакцинираат. За жал, сѐ уште во Европа ја нема онаа новата, „апдејтирана“ вакцина, којашто делува на Ерис, новиот сој.

Меѓутоа, се покажа дека и овие стариве, коишто се и кај нас на располагање, делумно заштитуваат. Па и тоа е нешто. Меѓутоа, тоа е во врска со вакцините и зборуваме за ризичните групи.

Арно ама, има нешто што е придобивка на медицината, на цивилизацијата денес што се вика лек веќе. Значи, не само вакцина, туку и лек имаме, тој Паксловид прочуен, којшто штити од хоспитализација и смрт преку 86%. Првите сознанија беа 89%.

Водителот: Го има кај нас?

ДД: Е сега, работата е што сегде го има – кај нас го нема.

Водителот: Само кај нас го нема!

ДД: Кај нас го нема. Јас се оградувам, ако изјавата на Комисијата за заразни болести (отприлика вака гласеше) дека „има доволно лекови и вакцини“ значеше дека под „лекови“ подразбираат Паксловид. Тогаш, ова сѐ што го кажувам ќе го тргнеме настрана.

Меѓутоа, морам да кажам дека Паксловидот е нешто што значи живот за ризичните групи. Живот значи! Во првите пет дена ако се даде, му се спасува живот на некој таков ризичен. И ако сега има некои што се на кислородна поддршка во болница, тврдам дека ако навремено им бил даден Паксловид, немало да завршат во болница! И ова нека биде еден вид апел или потсетување, зашто јас ова го зборував уште пред месец дена во медиумите.

Водителот: Сѐ се гледа низ призмата на пари. За каков лек зборуваме, скап лек или достапен лек, со оглед дека и фама беше околу цената на вакцините – од, не знам, 2, 3, 5 евра, па сѐ до 200 евра доза итн.

ДД: Во Америка чини 510 или 530 американски долари (не ме држете за збор), петдневна терапија. Тоа е комбинација од два лека и се дава два пати дневно во тек на пет дена. Би рекол, не е прескапо, зашто нема милиони дози да се набавуваат. Ќе се набават како што се набавуваше, да кажеме, вакцината против грипот. Па така и леков – за оној кому што му треба.

Проблемот е што има доста контраиндикации тој лек. Има луѓе што се на хронична терапија, којашто ако ја земаат (одредени лекови ако земаат), не смеат и Паксловид да земат. Да речеме, некои лекови за шизофренија, лекови за намалување на мастите, за крвен притисок и маса други. И затоа, секогаш треба лекар убаво да го испита медицинскиот картон, историјата на болниот, и да процени дали е тој кандидат за Паксловид или не е. Е сега, ако не е, тогаш единствена шанса му е вакцината.

Водителот: Добро, да се надеваме дека ги слушнаа овие ваши совети, апели, пораки и надлежните и граѓаните во пресрет на сезоната на грипови, вируси итн.

ДД: Да, јас би рекол, не нѐ очекува ништо спектакуларно. Нѐ очекува сезона на респираторни инфекции, меѓу коишто ќе биде и ковидот.