Почетна ЕкономијаДанева Маркова: Формирање национален совет за здравство во завршна фаза

Данева Маркова: Формирање национален совет за здравство во завршна фаза

од nenad
4 минути читај за

Советничката за здравство на премиерот, Ана Данева Маркова на денешната конференција на АмЧам во Скопје, насловена како „Поглед во иднината за нашиот здравствен систем“,  потврди дека е во завршна фаза формирање на национален совет за здравство, каде би членувале претставници или чинители од различни сфери, како тело кое ќе придонесе за креирање навремени, координирани и апликативни здравствени политики на Владата.

– Можеби во прв момент ќе звучи, ете, уште едно тело, уште една политичка структура што ќе ја брани политиката на одредена актуелна Влада или во иднина, некоја друга, дали е неопходно, дали е потребно? Секако дека таквиот совет нема да биде контрола на системот, напротив, ќе дава одговор, но и ќе поставува прашања кон системот.

Ќе содржи експерти, ќе содржи академска заедница, ние во еден модел веќе и го имаме направено неофицијално, таквото тело, информираше Данева Маркова.

Таа изрази надеж дека со некои правни финеси, во скоро време ќе биде презентирано како и што ќе треба да работи во иднина, таквиот совет.

– Секое доцнење во пристапот кон лекови или во пристапот до одредена медицинска интервенција, во здравството за жал, да бидам најгруба, значи зголемена смртност.

Ако во другите системи значи доцнење во имплементацијата, овде значи нешто пострашно.

Ако се воспостави систем, каде еден совет ќе може на сите засегнати страни во една одредена, временски точно назначена рамка, да им ги следи активностите, процесите, да им сугерира, секако, со добра финансиска анализа, каде правилно треба да се инвестира или ако сакате она што најверојатно следи, дали треба повеќе во здравствениот денар да се инвестира, од секој нас поединец и секако потоа и државата кон буџетот во Фондот, сметам дека е што поитно како чекор што треба да го направи Владата.

Мислам дека ќе биде поддржано пред сѐ, од сите овде присутни, затоа што секако, тоа е во интерес на сите нас, а пред сѐ, на пациентите, подвлече Данева Маркова.

Според неа, мандатите на членовите на таквите тела треба да бидат кратки, а не долги, за да нема најважен или помалку важен.

Директорката на Фондот за здравствено осигурување Магдалена Филиповска Грашкоска, меѓу другото, на конференцијата изјави дека одредени контролни механизми треба да бидат доразвиени.

– Имаме контролни механизми, меѓутоа, еве доволна е последната ситуација со Клиниката за радиотерапија и онкологија, што ни укажува дека да, имаме контролни механизми, меѓутоа немаме можност за казнување.

Би го ставила фокусот на развивањето на контролните механизми и евентуално предлагање одредени законски измени со што можеби, не на Фондот или на некоја друга институција, сепак е ова во доменот на Министерството за здравство, но, дефинитивно контролните механизми да се зајакнат од аспект да можеме да бидеме сигурни дека нашите пари, не се тие на Фондот, туку на секој еден од нас, се користат наменски, онака како што треба, појасни Филиповска Грашкоска.

Заменик – директорот на „МАЛМЕД“, Роберт Бекироски информираше дека електронскиот систем за следење на потрошувачката на лекови веќе е во функција.

– Верувам дека ќе имаме веродостојни податоци за потрошувачката на лекови. Тоа ќе значи унапредување на здравствениот систем.

Кога се во прашање регистрираните иновативни лекови, последните три години се регистрирани околу 160 лекови.

Се надевам дека ќе се зголеми бројот на регистрирани иновативни лекови во нашата држава, подвлече Бекироски.

Данева Маркова порача „да се насочиме, барем секој од свој агол, да инвестираме малку повеќе во здравствената култура, пред сѐ на сите нас, а секако и на пациентите“.

– Затоа што со вклучување на сите нив и побудување на свесноста за сопственото здравје, па и без потреба на некои казнени механизми, како што некои земји во светот користат, сметам дека ќе направиме барем малку повеќе од тоа што сме направиле досега.

Затоа што сите превентивни програми нема да се доволни, ако не го поттикнеме интересот на сите, кон еден превентивен преглед.

Моја препорака би била, а се надевам дека и Владата ќе поддржи, уште еден неработен ден, за општата популација, во текот на годината, со цел превентивен преглед за секој.

Сметам дека доколку системот има можност,  така ќе инвестираме нешто конкретно во здравјето на секој од нас, заклучи Данева Маркова.

Филипова Грашкоска се согласи дека финансиите во здравството не треба да се сметаат за трошок, туку за инвестиција, само така, нагласи, ќе биде подобро за сите.

Бекироски апелираше сите чинители на здравствениот систем да ги здружат силите, на максимална меѓусекторска соработка, максимална транспарентност во постапките и најбитно, како што додаде,  инклузија на корисниците на здравствениот систем, при донесување на сите важни одлуки за јавното здравје.

бд/лв/Фото: МИА .

Извор: МИА