Почетна Убавина и здравјеДали сте задоволни со тоа што го имате или секогаш барате повеќе? – Убавина и здравје

Дали сте задоволни со тоа што го имате или секогаш барате повеќе? – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

„Ако гледам дека има погача на спротивниот крај од масата, зошто да се задоволам со лебот!?“

Не знам како дојде до муабетот, но пред некое време сопругот ме праша како си замислувам дека изгледа фразата „преку леб погача“ сликовито. Недоволно заинтересирана да го прифатам овој предизвик, му кажав дека си замислувам погача ставена врз леб. Но тој беше спремен (како да размислувал на темава необично долго време), па ми објасни дека гледа маса, пред него има леб, а таму некаде подалеку има погача. За да ја дофатиш погачата, треба да посегнеш преку лебот. Преку леб погача, нели.

Се согласив дека тоа е логично, бидејќи го илустрира значењето на оваа реченица. Не си задоволен со тоа што го имаш моментално и постојано посакуваш повеќе, сметаш дека заслужуваш подобро и имаш големи амбиции. На пример, некој ќе каже „Сакам поголема плата“, а друг ќе му одговори „Ех, сега и ти, преку леб погача, некој нема ни работа“. Сопругот е од тие првите, јас поголемиот дел од времето сум од тие вторите.
Кога го прекорив дека треба да биде благодарен за тоа што го имаме, тој ми возврати со следниве зборови: „Ако гледам дека има погача на спротивниот крај од масата, зошто да се задоволам со лебот?! Ја сакам погачата!“. „Што му недостасува на лебот?“, го прашав, но тој продолжи да ме убедува дека погачата е подобра и дека заслужува погача, а не леб.

Тим „леб“ vs тим „погача“

Некако ми остана оваа кратка дебата во главата. Сметам дека и двајцата важиме за екстремно амбициозни поединци, кои постојано се зафатени, многу работат и се стремат кон големи успеси (што би рекле Англичаните, overachievers). Но ние се разликуваме по тоа што јас сум од тие самокритични работохоличари, кои имаат сомнително ниво на самодоверба и речиси никогаш не се задоволни од својот перформанс (читај: перфекционисти). За нас лебот е во ред, добро е и тоа што го има. Ако некој го препознае нашиот потенцијал и успее да нѐ увери дека заслужуваме погача, супер. Ако не, ние никогаш нема да се осмелиме сами да се послужиме со неа, барем додека го достигнеме нивото на извонредност што си го имаме всадено во главата како неопходен минимум.

А тој, тој секогаш цели кон погачата. Уште веднаш ако може. Свесен е за своите потенцијали, добро знае колку вреди и што сѐ може да понуди. Не сака да губи време тапкајќи во место, сонува за големи работи и не се плаши од предизвици. За него погачата не е нешто недостижно, туку нешто што се подразбира дека треба да го вкуси.


Поврзани објави

Замесете си погача сами!

Ако јас се прашувам, ниту мојата ниту неговата екстрема не се добри. И двете неизбежно доведуваат до анксиозност, прегорување и константно незадоволство. За среќа, сме се нашле, па некако се надополнуваме во овој поглед. Јас сум тука за да го приземјам и да му подадам чаша вода ако сметам дека зел поголем залак одошто може да изџвака, а тој е тука за да ме потсети на моите способности и да ме увери дека понекогаш можам да голтнам и поголемо залаче од оние на коишто сум навикната.

Во човечката природа ни е секогаш да се стремиме кон повеќе и тука нема ништо лошо. Амбицијата води кон успех, но мора да научиме како да постигнеме баланс. Клучот е во тоа да си поставиме реалистични цели за да одбегнеме разочарување. Да го слушаме нашето тело и да ги препознаеме знаците на прегорување, за да интервенираме навреме. Да бидеме нежни кон себе и да ги славиме малите победи! А ако не ни се јаде леб и погачата не ни е на дофат моментално, секогаш можеме да си ја замесиме сами. Дури и да не изгледа совршено како онаа што нè искушува од далечина, можеби ќе излезе многу повкусна одошто сме очекувале.

        Пишува: Марија Лукаревска

ФОТО: GETTY IMAGES