Table of Contents
Истражување на клиниката „Мејо“ покажало дека присуството на куче во спалната соба не мора да го нарушува сонот, но ситуацијата е поинаква кога миленикот го дели креветот со сопственикот.
Дали кучето треба да спие во спалната соба е прашање за кое секој сопственик има свое мислење. Некои сакаат нивниот миленик да биде покрај нив во текот на ноќта, додека други не му дозволуваат ниту да влезе во собата.
Но, дали оваа навика влијае врз квалитетот на сонот? Помало истражување спроведено на клиниката „Мејо“ покажало дека кучето во истата просторија не мора да го нарушува спиењето. Напротив, кај некои луѓе неговото присуство може дури и да придонесе за подобар одмор. Сепак, резултатите се разликуваат кога кучето спие во истиот кревет со сопственикот.
Кучето може да даде чувство на сигурност
Повеќето луѓе претпоставуваат дека милениците во спалната соба го попречуваат спиењето. Но, откривме дека многумина всушност чувствуваат утеха и сигурност кога спијат покрај своите миленици“, изјавила д-р Лоис Кран, лекарка специјализирана за медицина на спиењето на клиниката „Мејо“.
Бидејќи многу сопственици ги сметаат кучињата за рамноправни членови на семејството, не е изненадување што сакаат да поминуваат што повеќе време со нив, дури и во текот на ноќта.
Што покажало истражувањето?
Во студијата учествувале 40 здрави возрасни лица чии кучиња престојувале во нивните спални соби во текот на ноќта. Истражувањето траело пет месеци, а една недела учесниците и нивните миленици носеле уреди за следење на активноста и спиењето.
Резултатите покажале дека присуството на куче во собата не мора да го наруши квалитетот на сонот, без оглед на расата. Меѓутоа, луѓето што го делеле креветот со својот миленик спиеле нешто полошо од оние чии кучиња имале сопствено место за одмор.
Поврзани објави
Авторите наведуваат дека станува збор за едно од првите истражувања од овој вид што објективно го проценува влијанието на кучињата во спалната соба врз човечкиот сон. Според нивните резултати, едно куче во собата не влијае значително врз спиењето, а учесниците во просек задржале задоволителен квалитет на сон.
Зошто сопствениците сакаат кучињата да бидат покрај нив?
Д-р Кран смета дека причината е сè поблиската врска меѓу луѓето и нивните миленици. Бидејќи многу сопственици поголем дел од денот го поминуваат на работа, сакаат да го надоместат времето во кое се одвоени од своите кучиња.
Спиењето во иста соба е едноставен начин да останат блиску до нив и во текот на ноќта.
Кога е подобро кучето да спие одделно?
Истражувачите предупредуваат дека студијата опфатила мал број учесници, па резултатите не можат автоматски да се применат кај сите сопственици. Во истражувањето биле вклучени само кучиња постари од шест месеци, што значи дека заклучоците не мора да важат и за кученцата, кои често се понемирни во текот на ноќта.
Посебно внимание се препорачува кај луѓето со астма или алергии. За нив е подобро милениците да не престојуваат во спалната соба, со цел да се намали изложеноста на алергени.
Фото: pexels