Почетна ЕкономијаДали и Македонија ќе воведе забрана за социјалните мрежи за деца?

Дали и Македонија ќе воведе забрана за социјалните мрежи за деца?

од nenad
2 минути читај за

Прашањето дали децата треба да имаат слободен пристап до социјалните мрежи повторно е во фокусот, откако Европската комисија предложи нови правила со кои се предвидуваат значителни ограничувања за најмладите корисници.

Според предлогот на ЕУ, децата под 13 години би немале пристап до социјалните мрежи, додека за тинејџерите од 13 до 15 години се предвидуваат посебни, родителски надгледувани сметки. Предлогот сè уште треба да помине низ законодавната постапка во Европската унија и може да претрпи измени.

Целта на европската иницијатива е да се создаде побезбедна дигитална средина за децата, особено во услови кога голем дел од најпопуларните платформи се дизајнирани така што корисниците што подолго остануваат активни.

Покрај ограничувањето на возраста, европскиот предлог опфаќа и мерки против таканаречените зависнички механизми, како бесконечното скролање, персонализираните содржини и реклами, несаканите контакти од непознати лица и известувањата во периодот предвиден за спиење. Се предвидуваат и механизми за проверка на возраста на корисниците.

Што се случува во Македонија?

Во Северна Македонија засега нема донесена одлука за воведување општа законска забрана за користење на социјалните мрежи од страна на децата.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во јуни годинава изјави дека државата во тој момент не планира ограничување на социјалните мрежи за децата, туку дека се работи на други пристапи, вклучително и кампањи за подигнување на свеста и поголема вклученост на родителите.

Андоновски тогаш посочи и дека контролата на возраста во пракса е сложено прашање, меѓу другото поради можноста децата да користат уреди и податоци на своите родители. Како друга мерка, беше најавувано размислување за целосна забрана на мобилните телефони во основните и средните училишта.

Прашањето, сепак, повторно станува актуелно со најновите иницијативи во Европа.

Во Македонија веќе има иницијативи за ограничување

Идејата за построга регулација на користењето на социјалните мрежи од страна на децата не е нова ниту во Македонија.

Во февруари годинава беше објавена граѓанска иницијатива со која се бара забрана за користење социјални мрежи за деца до 12 години и воведување дополнителни ограничувања за малолетниците до 16 години.

Дополнително, истражување објавено во април покажа дека 76 проценти од испитаниците поддржуваат забрана за пристап до социјалните медиуми за деца под 12 години, како и регулирање на нивната употреба кај малолетниците.

Овие податоци покажуваат дека темата има значително присуство и во домашната јавност, но меѓу иницијативата и воведувањето законска забрана има голем број правни, технички и практични прашања.

Може да ве интересира и...