Корпорацијата „Гугл“ постигна спогодба со Тексас и се согласи да исплати 1,375 милијарди долари поради тврдења за кршење на прописите за заштита на приватноста на корисниците, објави главниот правобранител на Тексас, Кен Пакстон.
Спогодбата вклучува две обвиненија кои се однесуваат на три производи на компанијата и наводното кршење на законите за заштита на потрошувачите во Тексас.
“Во Тексас, големите технолошки компании не се над законот,” изјави Пакстон.
„Гугл“ со години потајно ги мониторираше движењата на луѓето, нивните лични истражувања, па дури и гласот и структурата на лицето преку своите производи и услуги.
“Се спротивставив и победив,” рече Пакстон. Информациите за спогодбата не се објавени, ниту е наведено како ќе се употребат парите.
„Гугл“ изјави дека спогодбата се однесува на наводи поврзани со „инкогнито“ режимот, историјата на локации и биометриските информации.
Компанијата не призна никаква вина, потенцирајќи дека со спогодбата се решаваат минати тужби кои се поврзани со правила кои веќе се изменети. ссм/фото: архива.
Извор: МИА