Од започнувањето на конфликтот во Украина во февруари 2022 година, Белгија има инвестирано повеќе средства за набавка на руски течен природен гас (ТПГ) отколку што одвоила за помош на Украина, објави еколошката организација Гринпис.
Заедно со Франција, Шпанија и Холандија, Белгија учествува со 95 проценти од увозот на течен природен гас од Русија во ЕУ, пренесува белгискиот VRT. Овие четири држави заедно платиле 34,3 милијарди евра за увоз на руски гас помеѓу 2022 година и средината на тековната година.
Според VRT, таа сума може да се спореди со вкупно 21,2 милијарди евра билатерална помош за Украина. Од почетокот на војната, Франција има потрошено 12,7 милијарди евра за руски гас.
Шпанија има инвестирано 9,5 милијарди евра, додека Белгија се наоѓа на третото место како најголем купувач во ЕУ, со 6,2 милијарди евра потрошени за руски ТПГ од 2022 година.
„Во меѓувреме, Белгија потрошила 3,2 милијарди евра на помош за Украина од февруари 2022 година.“
Според извештајот, пристаништето Зебриге во Западна Фландрија станало најзначајна влезна точка за руски ТПГ во ЕУ, со една четвртина од сите испораки на гас од Русија во Унијата.
јт/ .
Извор: МИА