Сопругата на Кирил Поп Христов сподели фотографии од актерот и со неколку зборови ја откри болката што останала по неговото заминување.
Поминаа шест месеци откако актерот Кирил Поп Христов-Кили почина, а неговата сопруга Гордана Деан Поп Христова повторно се потсети на човекот со кого го помина најголемиот дел од својот живот. Таа објави колаж со фотографии од Кили, меѓу кои има и нивна заедничка фотографија, а покрај нив напиша порака која открива колку тешко се навикнува на животот без него:
Поминаа шест месеци, Кики, без тебе, ништо не е исто и никогаш нема да биде“.
Кили почина на 11 март годинава во Еквадор, на 58 години. Последните околу година и пол од животот ги помина во оваа јужноамериканска земја, која со текот на годините му станала втор дом. Според информациите што тогаш ги сподели Гордана, актерот починал мирно, во сон, како последица на инфаркт. Семејството одлучи токму во Еквадор да биде и неговото последно почивалиште, во Мангларалто, покрај океанот.
Поврзани објави
Кили и Гордана во 2014 година се преселиле во Еквадор заедно со нивната ќерка Јоана. Иако актерот и понатаму имал врска со Македонија и повремено се враќал во Скопје, семејниот живот во годините потоа бил поделен меѓу двете земји. Во Еквадор, пак, нивната ќерка подоцна го продолжила својот живот и го создала своето семејство. Во 2019 година Јоана станала мајка на синот Аниш Круз Родригез Деан, со што Кили и Гордана станале баба и дедо.
Зад себе Кили остави значајна актерска кариера. Роден е во Скопје на 30 јули 1967 година, а дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности во 1989 година во класата на Љубиша Георгиевски. Од 1993 до 2014 година бил дел од ансамблот на Македонскиот народен театар, а на сцената на МНТ повторно се вратил во 2018 година. Публиката го памети по бројни театарски, филмски и телевизиски остварувања, меѓу кои „Тетовирање“, „Бал-кан-кан“ и „Панкот не е мртов“, како и по улогите во претстави како „Ослободување на Скопје“, „Ревизор“ и „Народен пратеник“. Денес, шест месеци по неговото заминување, Гордана со една кратка порака потсети дека за оние што најмногу го сакале, времето не ја брише празнината.
Фото: Printskrin