Почетна ТехнологијаГолем монтажен објект на „диво“ се гради во Кисела Вода: Општината ќе го урива, доколку инвеститорот сам не го урне

Голем монтажен објект на „диво“ се гради во Кисела Вода: Општината ќе го урива, доколку инвеститорот сам не го урне

од nenad
3 минути читај за

Table of Contents

Фирма за градежни материјали незаконски гради голем монтажен објект, а за да се избегне инспекцијата, како што тврдат жители од Кисела Вода, се гради само преку викенд. Но, општинската инспекција веќе издала решение за уривање. Голем монтажен објект незаконски се гради на булевар Борис Трајковски, алармираат жителите на населбата 11 Октомври во општина Кисела Вода. Според нив, се градело само во денови на викенд за да се избегне инспекцијата. Станува збор за фирма за градежни материјали, која на овој простор без дозвола решила да си изгради магацински простор наместо настрешницата која, како што велат, претходно им служела за складирање на материјалите.

Фирмата „Пофикс“, на булевар Борис Трајковски, спроти Никоб во Кисела Вода, незаконски гради огромен монтажен објект и тоа го прави само за време на викенд кога нема инспекција. Објектот е веќе извишен колку околните станбени објекти. Се обидовме да ги прашаме работниците имаат ли дозвола за градба, ама не беа баш расположени за разговор. Колку што знаеме, инспекцијата им издала решение за уривање, ама тие си тераат по свое. Секоја сабота и недела продолжуваат со градба – вели жител на населбата.

На прашањето навистина ли објектот се гради без дозвола и како ќе постапат, од Општина Кисела Вода велат дека знаат за овој случај и нивната инспекција веќе била на терен и ги презела законските мерки.

Нашите служби го имаат детектирано случајот за кој прашувате и постапија на терен. Дадена е наредба за запирање на градба, направен е записник, за кој може да се изврши и увид, и истиот е доставен по пошта на лицето кое гради. Изготвено е Решение за уривање, но тоа не е правосилно поради законскиот рок за жалба, кој сѐ уште е во тек. По добивањето на правосилност, инвеститорот ќе има рок за сам да го урне објектот. Во спротивно ќе постапи Општина Кисела Вода – посочуваат од Општината.
Монтажен објект дивоградба во 11ти Октомври / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Проблемот со дивоградби во Скопје е голем и трае со години, а за уривање на нелегално изградените објекти се трошат илјадници евра од општинските каси. Дел од нив се наплаќаат од инвеститорите кои незаконски градат, но проблем се јавува кога инвеститорот е непознат. Во таков случај парите кои општината би ги потрошила за уривање не можат да се надоместат, па кај дивоградбите со непознат инвеститор најчесто се применува уривање на дел од објектот, за да се запре понатамошната изградба. Поради ваквите проблеми беше и покрената иницијативата за конфискување дивоградби кои се подигаат на државно земјиште, најпрво од градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, која потоа ја подржаа и останатите градоначалници во ЗЕЛС, па сега конфискацијата веќе е и законски регулирана со измените на Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка.

Единицата на локална самоуправа е должна да поведе постапка истиот имот да го легализира или да го урне во рок од шест месеци од приемот. Доколку имотот се легализира, единицата на локална самоуправа има право да стопанисува со недвижноста во согласност со одлука на Владата на Република Северна Македонија. Стекнатата недвижност според ставот 1 од овој член не смее да биде предмет на комерцијална продажба од страна на единиците на локална самоуправа, но може да биде отстапена на други органи на власта или на здруженија што се регистрирани за давање помош и заштита на социјално ранливите категории на граѓани на Република Северна Македонија“, е прецизирано во законот.

Со законското воведување конфискација на дивоградби изградени на државно земјиште треба да се намали урбанистичкиот хаос, но за оние кои се градат на приватно земјиште, единственото решение, како и досега ќе биде уривање.

Монтажен објект дивоградба во 11ти Октомври / Фото: Слободен печат / Драган Митрески