Германскиот Бундестаг усвои широка реформа на законодавството за разузнавачките служби, со која на безбедносните агенции им се доделуваат нови овластувања за справување со заканите по националната безбедност, вклучително и можност за спроведување саботажни операции во странство.
Станува збор за најголемата промена на законодавството за тајните служби во Германија од повоениот период.
Законот беше усвоен со 308 гласа „за“, 190 „против“ и 71 воздржан глас, според извештаите на германските и меѓународните медиуми.
Германскиот министер за внатрешни работи, Александер Добринт, реформата ја нарече „реформа на векот“, истакнувајќи дека Германија мора да ги зајакне своите безбедносни капацитети соочена со новите закани од странство и од внатрешноста на земјата.
Измените се однесуваат на двете главни германски разузнавачки институции: Федералната разузнавачка служба (БНД), задолжена за надворешното разузнавање, и Федералната служба за заштита на Уставот (БфВ), која се занимава со внатрешната безбедност.
Една од најзначајните промени се однесува на овластувањата на БНД. Досега оваа служба главно собираше и анализираше информации за заканите по Германија.
Со новиот закон, БНД ќе може да спроведува и конкретни операции против странски цели. Меѓу предвидените активности се исклучување сервери што ги користат хакерски групи поддржани од странски држави, како и инфилтрирање во компјутерските системи на лаборатории за производство на хемиско оружје и фабрики за беспилотни летала, со цел попречување на нивната активност.
На тој начин, германската разузнавачка служба ќе добие можност не само да ги открива и анализира заканите, туку и директно да интервенира за нивно неутрализирање во законски утврдени случаи.
БфВ ќе може тајно да влегува во приватни домови.
Реформата ги проширува и овластувањата на внатрешната разузнавачка служба БфВ.
Под одредени услови, нејзините агенти ќе можат тајно да влегуваат во приватни објекти, вклучително и во станбени домови, како и да користат пософистицирани средства за дигитален надзор.
Законот предвидува и проширување на анализата на големи количества податоци со помош на вештачка интелигенција, како и користење биометриска идентификација за споредување фотографии и снимки.
Сепак, разузнавачките агенти нема да добијат овластувања за апсење или за спроведување отворени претреси врз граѓаните. Овие надлежности и понатаму ќе останат исклучиво во рацете на полицијата.
Post Views: 62