Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, призна дека имал средба со поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, во Струмица.
Фотографии со Заев и Гаши како седат на заедничка маса, се појавија на социјалните мрежи утрово.
По повод на оваа средба, Гаши се огласи. “Како лидер на Алтернатива имам мандат и должност да се среќавам со сите политички актери во земјата. Така сум работел досега и така ќе работам и во иднина. Следствено, нема ништо посебно и мистериозно во мојата средба со поранешниот премиер Зоран Заев. Јас го разбирам интересот на медиумите за оваа средба, но мислам дека вистинското прашање не е кој, каде и зашто се среќавам, туку зошто, по чиј налог и од каков страв ме следат службите СДСМ-ДУИ?” прашува Гаши.
Денеска, независниот пратеник во македонското Собрание, Скендер Реџепи објави фотографија од оваа средба на Фејсбук прашувајќи зошто Гаши требал да оди на средба со Заев дури до Струмица.
“Прашање за еден милион евра??? Што побара денеска Африм Гаши од Зоран Заев и зошто требаше да оди дури до Струмица? Активистите на Алтернатива, како и пошироката јавност, заслужуваат да ја знаат вистината за оваа средба”, напиша Реџепи.
