Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера објави дека за неколку дена ќе биде презентирана нова програма за асистенција на граѓаните во склоп на економските мерки, меѓу кои ќе биде и ограничување на трговските профитни маржи со цел редукција на цените на прехранбените производи.
“Верувам дека резултатот ќе биде целосно намалување на цените, но не за еден производ, туку за илјадници производи, групи производи. Ќе имаме десетици групи производи. Маржата мора да биде помала и очекувам дека цените во Србија ќе се намалат за повеќе од 15-20 проценти. Пред се, зборувам за прехранбениот сектор, односно од житарки, леб, масло, брашно, се друго што е потребно, односно она што е најпотребно за секојдневниот живот, до безалкохолни пијалоци, така што сето ова ќе падне на 20 проценти и верувајте ми, ќе успееме”, изјави Вучиќ за ТВ Пинк.
Тој додаде дека актуелните цени во Србија се на ниво од 95 проценти од просечните цени во Европската унија.
Вучиќ тврди дека одредени синџири на снабдување влегле со профитна маржа од 18 проценти, како што е германски Лидл, а потоа ги покачиле тие маржи речиси двојно. Како што рече, без оглед дали на малопродажните синџири им се допаѓа или не, ќе се работи на многу полиња за да им се овозможи на луѓето полесно да ја пребродат есента.
“Ги зедовме моделите на Унгарија, Романија и Северна Македонија, разгледавме се што направија во претходниот период, за да видиме како да ги намалиме цените”, рече Вучиќ. Тој, исто така, најави измени во законот за трговија.
зш/ . Извор: МИА