Поради претстојното 21-во издание на Виз Ер Скопски маратон, кој ќе се одржи денес и на кој ќе учествуваат рекордни над 14,000 натпреварувачи од 58 држави, ќе биде воведен привремен сообраќаен режим во главниот град.
Според организаторите, определени улици ќе бидат комплетно или делумно затворени за движење во текот на маратонот, а изменетиот режим ќе биде активен до неговото завршување, односно до 14:00 часот.
Крајната дестинација на сите трки е Плоштад Македонија. Стартот на маратонската, полумаратонската и штафетната трка е во 08:05 часот пред републичкото Собрание, додека учесниците на Комерцијална Банка трката на 5 километри ќе почнат во 08:00 часот во близина на Црвениот крст на РМ и ќе се движат кон Аеродром. Организаторите апелираат тркачите да пристигнат најмалку 20 минути порано.
При влегување во стартната зона, се советува секој тркач да влезе во соодветниот бокс за својата трка или целно време што го избрал при регистрацијата, за да се избегнат гужви.
Трасата на Комерцијална Банка 5K трката почнува близу Црвениот крст на РМ, право по ул. „11-ти Октомври“, лево по бул. „Крушевска Република“, десно по бул. „3-та Македонска Бригада“, полукружно на крстосница помеѓу бул. „3-та Македонска Бригада“ и ул. „Васко Карангелевски“ и по истата траса назад до целта – Плоштад „Македонија“ на ул. „11-ти Октомври“.
Патеката за маратонската, полумаратонската и штафетната трка ќе започне на улицата „11 Октомври“ пред Собранието и ќе продолжи кон запад по улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Тркачите ќе продолжат право во двете насоки до крајот на овој булевар и ќе продолжат право по ул. „Васил Чакаларов“, каде, по семафорите во населба Хром, ќе свртат полукружно и ќе се вратат кон центарот по истите улици и булевари.
Кога ќе се враќаат тркачите кај Собрание, ја продолжуваат трасата по улица „11 Октомври“ кон Црвен Крст и ќе свртат кај Тутунски комбинат лево на бул. „Крушевска Република“ и десно на „Трета Македонска Бригада“. По неа ќе се трча до раскрсницата кај Американ Колеџ и ќе се врти лево по улица „Васко Карангелески“. Потоа ќе трчаат право сѐ до раскрсницата со бул. „Јане Сандански“. На раскрсницата ќе се врти десно и ќе се трча сѐ до раскрсницата со Бул. „Србија“, каде, пред неа се врти полукружно во истата коловозна страна (другата страна од булеварот е слободна за сообраќај во правец кон Центар) и ќе трчаат до пред раскрсницата кај Тобако 2.
Тркачите полукружно ќе се враќаат до раскрсницата кај Сансет, ул. „Васко Карангелески“, десно до крај и повторно десно ќе излезат на „Трета Македонска Бригада“. Трчаат по истата патека до Собрание, со тоа што полумаратонците финишираат на Плоштад Македонија, а маратонците трчаат уште еден круг.
За време на маратонот сообраќајот ќе биде пренасочен по околните улици. Министерството за внатрешни работи ги повикува граѓаните да ги почитуваат наредбите од полициските службеници на трасите на движење и да го планираат своето движење навреме.
ац/Фото: Виз Ер Скопски маратон
Извор: МИА