Почетна ТехнологијаВо Палестина ништо ново: геноцид, како и обично

Во Палестина ништо ново: геноцид, како и обично

од nenad
7 минути читај за

Дека геноцидите ги вршат цели општества, а не поединци, можеме да се увериме секојдневно доколку го погледнеме светот без пердето што секое утро, како контактни леќи, го ставаме на очите. Исклучителниот филм „Зона од посебен интерес“ (The Zone of Interest) минатата година заслужено се накити со сите најпрестижни филмски признанија.

Моќното уметничко дело на режисерот Џонатан Глејзер, бегло инспирирано од истоимениот роман на Мартин Ејмис, со неверојатна филмска акрибија го слика секојдневниот живот на семејството на Рудолф Хес, командантот на концентрациониот логор Аушвиц од мај 1940 до ноември 1943, и повторно од мај 1944 до крајот на јануари 1945 година.

Куќата во која Рудолф и неговата сопруга Хедвиг живеат со нивните пет деца е идиличен имот, со голема градина, овоштарник и окуќница, тревник за игра голем колку игралиште, кој од едната страна се допира до голем поток, практично рекичка, во која семејството се бања, „пеца“ риби и покрај која си приредува пасторални излети.

Ужасната посебност на овој рај е што е изграден од надворешната страна на ѕидот со кој е ограден злогласниот логор на смртта, во зона од посебен интерес, во која сите околни работи ги вршат робови логораши, а скапоцените предмети во куќата, како и скапоцените бунди што ги носи Хедвиг, се ограбени од затворените или убиените Евреи.

Во позадината на сосем обичните, мирни и безначајни случувања во оазата на семејството Хес, отаде високиот ѕид, се слушаат повремено придушени пукотници и врисоци на убиените, тандркањето на товарните возови што носат луѓе во ужасна смрт, а ноќите ги осветлува од црниот чад придушеното црвенило на јаросаните крематориумски огништа.

Во целиот филм практично нема ниту една сцена со отворено насилство, дури нема ни јасно навестување дека нешто лошо или трагично се случува во семејниот рај на Хесови. Целиот ужас, сето невидено насилство што се случило во „зоната од посебен интерес“, смртниот врисок на милионите измачени и убиени души, сето тоа се случува во имагинацијата на информираниот гледач.

Оваа филмска мајсторија – страшното да им го остави на гледачите сами да си го проектираат во умот – и во светлото на ужасите во сопствената имагинација да ги следат тривијалните настани, направи уште еднаш буквално да се засркнам распаметен од димензијата на немерливото мракобесие на Холокаустот.

Но, можеби емотивно најтешкиот ефект на филмот е создаден од тој речиси заумен контраст помеѓу чудовишните размери на злосторот – за кои се директно одговорни безгрижните „јунаци“ на филмот – и баналната секојдневница во која живеат, втопена во апсолутната рамнодушност, површност и дури потполна несвесност за монструозниот злостор што го вршат рутински како да е досадна канцелариска работа.

Тоа е практично и основната теза на филмот, еден вид интерпретација на некогаш контроверзната теза на Хана Арент за баналноста на злото. Всушност, тоа е негација односно филмска демистификација на проширеното сфаќање дека починителите на Холокаустот се „митолошки злосторници“, „чудовишта на радикалното зло“, и со самото тоа издвоени поединци мегазлосторници.

А, вистината на Хана Арент и главната теза на филмот „Зона на посебниот интерес“ е дека сите геноциди, холокаусти, накби, шои и злосторнички катастрофи, практично сите до една се извршени од страна на неподносливо голем број сосем обични луѓе, површни и плиткоумни – какви што се најголемото мнозинство хомосапиенси, што радикалното зло го вршат, соучествуваат или тивко му сведочат, и тоа на ниво на банална и катадневна нормалност.

И токму таа индиферентност кон мегазлочините на општествата што ги вршат геноцидите, и на оние што директно соучествуваат или помагаат во истребувањето на стотици илјади или милиони невини души, а конечно и на целиот свет што гледа што се случува и ја врти главата настрана за да не си ја наруши „нормалноста“, токму таа масовна и секојдневна нечовечност ги чини можни овие архизлостори.

Митот за малиот број нацистички монструми со Хитлер на чело, што се одговорни за четириесет и петте милиони европски жртви, а сите други да не биле воопшто свесни за размерите на злото во кое учествуваат, беше лага на векот. Лага во која и ден-денес мнозинството возрасни жители на европскиот континент убедено верува, како што впрочем и нивните деца упорно веруваат во Дедо Мраз.

Дека геноцидите ги вршат цели општества, а не поединци, можеме да се увериме секојдневно доколку го погледнеме светот без пердето што секое утро, како контактни леќи, го ставаме на очите. Ако го симнеме пердето од очи, веднаш и неодминливо ќе видиме дека израелската држава подржана од израелското општество го врши веќе подолго од година дена најдокументираниот геноцид во историјата, геноцидот над палестинскиот народ во појасот Газа.

Геноцидот се врши со оружје, муниција и неограничена логистичка, политичка и морална поддршка на САД, ЕУ и НАТО земјите (со Македоња Вечна на опашот на злосторничката алијанса). Геноцидот го снимаат и за него известуваат стотици храбри палестински репортери, кои се секојдневно намерна цел на израелските снајперисти и бомбаши, па иако носат ознаки „press“ на елеците – или можеби токму затоа – израелските војници до денес убија дури 137 акредитирани известувачи за геноцидот!

Како и во случајот на другите геноциди, земјите извршители и учеснички чинат сè тој да се забошоти, па Израел не дозволи пристап на ниту еден странски репортер во појасот (и со бројки: 0), а јавните сервиси и глобалните мрежи на земјите „лидери на слободата и демократијата“ известуваат „балансирано“: по некоја сува бројка загинати Палестинци и по некоја изјава за правото на Израел да се брани.

Но, телевизиската мрежа Ал Џезеира секојдневно известува за геноцидот, а Обединетите Нации го објавија минатиот понеделник својот извештај со огромен број документирани податоци за геноцидот што цели „да гo истреби палестинскиот народ од појасот Газа“, додека „геноцидниот проект почнува да метастазира и во Западниот Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим“. Некој го прочитал извештајот? Не?

Нема проблем, за умирување на совеста ќе цитирам неколку базични факти за геноцидот во чиешто извршување учествуваме. Извештајот на Обединетите Нации за катастрофалните состојби на палестинските територии окупирани од Израел, потпишан од Специјалниот известувач на ОН Франческа Албанезе, и насловен „Геноцидот како колонијално бришење“ докажува дека Израел е

држава на апартхејдот, која упорно со децении флагрантно го крши меѓународното право, резолуциите на Советот за безбедност на ОН и наредбите на Меѓународниот криминален суд, вршејќи геноцид над палестинското население со цел за нивно истребување, иселување и заменување со израелски колонисти.

Колонистичкото бришење на палестинското население од окупираните Газа, Западниот Брег и Источниот Ерусалим, се претвори во интензивен и сеуништувачки геноцид по Хамасовото пробивање на затворските ѕидови и жици и вршење на масакр во кој загинаа 1.139 Израелци (некои застрелани од израелските војници) и во кој Хамас киднапираше 200 цивилни заложници.

Од 7 октомври 2023 до денес, Израел во име на одмазда и „војна против Хамас“ со бомбардирање и воени дејства по цивилното урбано население уби 43.163 жители на Газа и рани 101.510, а уште повеќе од 10.000, од кои барем 4.000 деца, се убиени и сѐ уште неоткопани од под урнатините.

Од убиените дури 13.000 се деца од кои пак повеќе од 700 се бебиња, додека од ранетите 22.500 се трајни инвалиди, без екстремитети и со други тешки и доживотни оштетувања. Во извештајот се детално документирани стотици неверојатни злостори извршени од Израел, а очите буквално ги дере податокот дека шест-годишниот Хинд Раџаб е убиен со 355 куршуми, по врескањето за помош што траело со саати“.

Во Извештајот е цитиран документ протечен од израелското Министерство за разузнавање во кој постои план за иселување на сите 2,3 милиони Палестинци од Газа во Египет и темелно реколонизирање на појасот со израелски колонисти.

Израел ги повторува обрасците на познатите геноциди од минатото: масовното и неселективно убивање на цивилите од сите возрасти, нивното иселување и садистичко преместување натаму и наваму, со што се поттикнува нивното „доброволно иселување“.

А за сето време државната пропаганда и најголем број од медиумите хистерично ја воспалуваат „одмаздничката атмосфера“ што ги прави израелските војници „намерни џелати и убијци“ што го убиваат цивилното население во самоодбрана. Идентично како што нацистите ги истребуваа Евреите во одбрана на загрозената германска нација.

Но, човечката емпатија и моралната интуиција работат само во ситуации што ќе го пробијат пердето со кое луѓето го совладуваат денот. Тоа се случува кога моќниот уметнички израз ќе просветли низ пукнатината – зашто светлината само така проаѓа. Во меѓувреме нема ништо ново, освен баналната секојдневница, „нормалноста“ во која геноцидот се случува, по правило врз други.

Од Мирослав Грчев