Мал чекор секој ден создава огромна разлика по извесно време! Оваа едноставна вистина ја забораваме кога брзаме по бројки, статистики, по очекувања „за подобра туристичка година“. А туризмот не е спринт. Туризмот е маратон! Ништо не се случува случајно, најмалку преку ноќ. Сработеното во текот на годината, се ефектуира во следната година. Факт е дека значење на туризмот е огромно! Тој ја промовира нашата култура, ја оживува историјата, ги негува вековните културни традиции и директно придонесува кон развој и економска благосостојба.
2026 е година која ќе биде исполнета со многу предизвици поврзани со туризмот! Зголемениот број на авио линии од нашите аеродроми треба да ги искористиме максимално, а развојната програма умно и ефективно да ја имплементираме. Подготовките поврзани со изборот на Скопје за Европска престолнина на културата за 2028 година, треба да ги убрзаме, и веќе да се почне со инвестиции во инфраструктура и промоција. Потребно е да се присуствува на туристичките саеми (Берлин ITB, Лондон WTM, Мадрид FITUR), да се развијат партнерства со нови авиокомпании и тур оператори, да се координира и дијаспората.
Посакувам во 2026 година во туризмот да се вклучат со работа многу повеќе луѓе, посебно млади и креативни индивидуи, преку него да се развиваат руралните места, да се оживеат заборавените занаети, старите обичаи, и традиционалните јадења. Туристичките ангажмани да ги збогатиме со автентични содржини, автохтона македонска музика, дегустација на вино, учење на стари занаети итн. Бидејќи туризмот е пред се доживување и искуство, кое можеби почнува со купена авионска карта, и завршува со селфи на заминување, но тоа што се случува измеѓу, е она што создава дополнителна вредност.
Туризмот зависи од сите нас! Од тоа колку секој од нас ќе се грижи за хигиената во урбаните простори, од нашата одлука да бидеме подобри домаќини, подобри раскажувачи на нашата приказна.
Во 2026 година, туризмот што го посакуваме да не се мери само со бројот на ноќевања, туку со квалитетот на доживувањето. Младите да гледаат иднина дома, токму поради туризмот. Да не чекаме „идеални услови“, тие ретко доаѓаат, туку секојдневно да се подобруваме и напорно да работиме. Приватниот сектор и државата да работат во еден глас, да бидеме над личните интереси, и конечно туризмот да дојде на местото кое го заслужува.
Иднината на туризмот не се случува сама од себе. Таа се гради, тивко и со упорност, секој ден. Во 2026 година, ќе знаеме дали одиме во вистинската насока.
Им посакувам среќна 2026 година на сите туристички работници и сите оние кои на некој начин се поврзани со туризмот.