Советот на министри на Албанија денеска ги утврди процедурите, критериумите и контролите за стекнување албанско државјанство со натурализација од посебен државен интерес, како и организацијата и функционирањето на Специјалната државна агенција за државјанство.
Според одлуката, странските државјани ќе можат да аплицираат доколку нивните квалитети, способности или приватни и јавни активности одговараат на конкретна потреба, носат придобивки, иновации или создаваат предности за албанската држава.
Одлуката предвидува дека државниот интерес мора да биде конкретен, јасно дефиниран, проверлив и поврзан со конкретни, документирани и одобрени политики. Неговото оценување ќе го врши министерството надлежно за соодветната област.
Барањето за признавање на овој интерес се поднесува до надлежното министерство од страна на самиот апликант или од институции и организации од областа на културата, образованието, спортот, науката или економијата што соработуваат со него, откако претходно ќе добијат негова писмена согласност.
По издавањето на декларацијата од министерот за признавање на државниот интерес, барањето за стекнување државјанство мора да се поднесе до Специјалната државна агенција за државјанство во рок од пет календарски дена.
Агенцијата ќе ја проверува документацијата, кривичната евиденција и дали апликантот е предмет на меѓународни рестриктивни мерки што ги прифатила Албанија.
За проверка на националната безбедност, јавниот ред и интегритетот на апликантот ќе бидат ангажирани Државната информативна служба и Државната полиција, кои треба да достават одговор во рок од 20 календарски дена.
Исто така, во рок од 30 календарски дена од приемот на барањето, Агенцијата ќе му достави на министерот надлежен за внатрешни работи извештај со препорака за предлагање на доделување државјанство или за затворање на постапката.
Предлогот потоа му се доставува на претседателот на Републиката, кој со декрет го одобрува доделувањето на државјанството или го враќа предметот без понатамошно постапување, со што постапката се затвора и предметот се архивира.
Одлуката предвидува дека поднесувањето барање не создава индивидуално право на стекнување државјанство. Давањето лажни податоци повлекува кривична одговорност и претставува основа за прекинување на постапката или одземање на веќе доделеното државјанство.
Специјалната државна агенција за државјанство ќе функционира како буџетско правно лице од јавен карактер, под надлежност на министерот за внатрешни работи, со седиште во Тирана. Генералниот директор на Агенцијата се именува, разрешува или отповикува со наредба на премиерот.