Изедначување на сумата која треба да ја добијат членовите на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили и изедначување на надоместокот за претрпена душевна болка во периодот од 2000 година до ден денешен, предлага екс-министерката за одбрана, сега пратеничка, Славјанка Петровска.
Предлогот, преточен во измени на Законот за посебни права на безбедносните сили, ги опфаќа семејствата на загинатите или починати припадници на Армијата и министерството за внатрешни работи (МВР), како и на семејствата на загинатите во хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце во 2008 година, на загинатите припадници на МВР во авионската несреќа, кога загина и претседатот Трајковски, во хеликоптерската несреќа во Струмица во 2014 година, во Диво Насеље, во 2015 година и на починатите и загинати во вршење на службени должности во периодот од 1991 до 2024 година.
Исто така, воен инвалид од Одбрана или МВР, кој остварил право на паричен надоместок согласно закон, да има право на исплата на надоместок само на разликата до висината сегашниот надоместок. Се бара и еднократното обештетување од 80.000 евра да се исплатува на еднакви делови на членовите на семејството, а доколку родителите се починати, рамномерен дел од надоместокот да добијат браќата, сестрите и другите наследници.
Мнозинството пратеници гласаа „за“ овој закон да се носи по скратена постапка. Бидејќи со него се опфатени и семејствата на бранителите од конфликтот во 2001-та година, партиите на Албанците остро се спротивставија. Од СДСМ им укажаа дека, по Деловник, на оваа седница немаат право да дискутираат. Законот се префрла на расправа во надлежните собраниски комисии. Во изминатите години имаше повеќе обиди од партиите во опозиција да се изгласа ваков или сличен закон, но секогаш беше кочен од партиите на Албанците кои и сега се заканија дека ќе поднесат голем број на амандмани.
Далиборка Демјанска Цветановска, ТЕЛМА