Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави дека израелските воени сили ја зазеле тампон-зоната на Голанската висорамнина, воспоставена со договорот за прекин на огнот со Сирија во 1974 година. Нетанјаху рече дека деценискиот договор пропаднал и дека сириските трупи ги напуштиле своите позиции, што „барало израелско преземање на контролата“. Ова се случува во време на хаос во Сирија, на денот кога бунтовниците го освоија Дамаск и го соборија деценискиот режим на претседателот Башар ал-Асад.
Израелските воени сили веќе работат на дополнително утврдување на „новата граница“, а снимки од овие активности се објавени на социјалните мрежи.
Израел ја зазеде Голанската висорамнина во 1967 и подоцна ја анектираше. Меѓународната заедница ја смета висорамнината за окупирана сириска територија. Израел соопшти денес дека од почетокот на конфликтот со Хезболах во Либан се неутрализирани 25 оперативци на таа група. Израелската војска е сè уште распоредена во таа земја и има рок да се повлече до крајот на јануари според договорот за прекин на огнот.