Граѓанин на Фејсбук испрати видео со предупредување дека на скопската обиколница кај Сарај постојано крстарат глутница бездомни кучиња поради кои често се случуваат и сообраќајни несреќи на овој патен правец. На објавеното видео се гледаат четири кучиња скитници како се движат слободно по коловозот додека возилата се обидуваат да ги одбегнат. Одржувањето но и безбедноста на патиштата е во надлежност на ЈП Македонијапат. Од таму не упатија за одговори на скопската подружница од каде се децидни дека не можат да го решат проблемот со кучињата на автопатот, зошто едноставно ги има премногу, а тие се со врзани раце и обично ако загине некое куче или остане на автопатот, тие го собираат за да не предизвика нови проблеми на патиштата.
-Проблемот е многу стар. Не можат ниту да се убијат кучињата ниту да се фатат. Нема служби кои ќе ги заловат и ќе ги згрижат, а ние немаме право да ги фаќаме иако шетаат по автопатите. Опасни се и за нас. Некои така се оставени, не знаат ниту како да се движат по патот. Секаде ги има не само на скопската обиколница. Во тој дел ги носат веројатно со комбиња од Шар Планина, не се социјализирани и агресивни се. Не дај боже да се случи да се удри во куче, тоа е трагедија во која може да загинат луѓе. Ако се оштети возило од удар во куче на автопат, може да се бара оштета од „Македонијапат“, но фирмата нема пари и исплатата се одложува до недоглед, вели соговорник од „Македонијапат“ за „Слободен печат“.Тој спомена и случај од пред некој ден на обиколницата кога кога возило удрило во стадо крави и едвај преживеале родителите и малолетното дете кое било исто така во автомобилот. Си собравме кравите, некои загинаа, а некои беа повредени. Ги чуваме, чекаме полицијата преку ознаките на добитокот да го пронајде сопственикот на стадото и против него да се поднесе кривична пријава, зошто е неодговорност добитокот да се пушти без надзор да се движи по автопат, вели нашиот соговорник.
Проблемот со кучињата скитници останува нерешен и во градските средини, зошто нема доволно капацитети каде ако се заловат би останале и социјализирале. Една од мерките кои неодамна беше спомената на состанокот во Центарот за управување со кризи со другите надлежни, а во однос на контрола на популацијата на бездомните животни беше да се убиваат агресивните кучиња. На координативните средби во ЦУК со претставници на МВР, АХВ, на ЗЕЛС, на Град Скопје, на Лајка, Ветеринарна комора и Кинолошкиот сојуз се уште се бараат конкретни мерки за решавање на овој децениски комплексен проблем со кучињата бездомници. Проблемот е толку голем што во одредени средини како што е областа околу Велешкото Езеро, кај Отовица освен кучиња крстарат и шакали, кои толку се имаат намножено, и пребаруваат по контејнерите во потрага по храна, што дополнително предизвикува страв кај рекреативците и викендашите кои доаѓаат на оваа популарна локација.