За време на посетата на Тбилиси, унгарскиот премиер Виктор Орбан ја поддржа проруската владејачка партија Грузиски сон по парламентарните избори во земјата, за кои проевропската опозиција тврди дека се украдени, додека претседателот на земјата Саломе Зурабишвили повикува на протести. Како што пренесува „Политико“ Орбан одржал жесток говор во грузискиот главен град откако меѓународните набљудувачи го критикуваа целиот изборен процес што заврши изминатиов викенд.
– Знаеме што значи војна, знаеме колку е важен мирот. Унгарија е мирна европска земја и ние многу ги цениме вашите напори, бидејќи и вие сте мирољубиви. Никој не сака неговата земја да биде уништена и вовлечена во војна. Затоа, ја разбираме одлуката на грузискиот народ дека нивниот избор треба да биде во корист на слободата – рече Орбан.
Тој рече дека „исто така сака да и честита на грузиската влада“. – Иако применувавте проевропска политика, не дозволивте да станете уште една Украина. Ние многу ја цениме посветеноста на премиерот Иракли Кобахиџе на таа идеја и убеден сум дека Грузија ќе биде подготвена да влезе во ЕУ до крајот на оваа деценија – рече Орбан.
На веб-страницата на Брисел се наведува дека овие изјави на Орбан го повторуваат предизборниот наратив на партијата Грузиски сон дека западните земји сакаат да ја вовлечат Грузија во војната што рускиот претседател Владимир Путин ја води во Украина. Се наведува дека десничарскиот унгарски лидер се позиционирал како европски сојузник на Путин, откако летово се сретна со рускиот претседател во Москва и го забавил спроведувањето на санкциите на ЕУ против Русија и воената помош за Украина.
Грузиската владејачка партија се позиционираше како гарант на мирот и јасно предупреди дека опозициските партии се марионети на таканаречената глобална воена партија. На социјалните мрежи се појави видео на кое приврзаниците на грузиската опозиција гласно го исвиркуваат Орбан кога тој излегувал од хотел во Тбилиси.
Пристапниот процес на Грузија веројатно нема да напредува уште некое време – изјави портпаролката на Европската комисија и додаде дека прво треба да се расчистат сомнежите за исходот од изборите и Тбилиси да ги повлече недемократските закони. Државната изборна комисија потврди дека партијата Грузиски сон добила најголема поддршка со 54 отсто од гласовите, но претседателката Саломе Зурабишвили не ги признава изборните резултати.
Засега нејасно дали Европската унија ги признава изборните резултати, нос според високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Жозеф Борел, Брисел сака да го види конечниот извештај на набљудувачите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, па потоа да се произнесе.