Дали можеби кармата е уште еден измислен концепт создаден за да ги плаши и потчинува добрите луѓе, додека оние корумпираните си живеат среќно до крајот на животот?
„Зошто токму мене?“ се прашуваат луѓето на кои им се случило нешто лошо, а целиот живот се труделе да бидат добри, праведни и одговорни. Без разлика дали станува збор за нешто посериозно, како тешка здравствена дијагноза или за едноставно неверство од страна на партнерот, во човечката природа ни е да бараме објаснување за работите што ни се случуваат. Помислата дека нештата се случуваат сосема случајно и без некоја особена причина или редослед на многумина им предизвикува анксиозност, бидејќи тоа значи дека немаат контрола врз сопствениот живот.
Последниов период неколку пати го слушав зборот „карма“ во разговорите со колешките и поблиските пријателки. Многу од нив постојано размислуваат за своите постапки и донесуваат одлуки со цел да предизвикаат „добра карма“ или да не ја привлечат „лошата“. Генералното верување за кармата е дека нашите моментални постапки, влијаат врз нашата иднина. Кармата претставува еден вид систем на наградување и казнување кој се заснова на доброто и лошото однесување. Постои верување и дека може да си ја понесеш кармата со себе во твојот следен живот. Во зависност од тоа како се одвивале работите, во наредниот живот или ќе уживаш во плодовите на добрите дела или ќе го отплаќаш долгот за лошите.
Звучи супер! Но како е во реалноста?!
Дали нештата навистина функционираат така во реалноста? Дали можеби кармата е уште еден измислен концепт создаден за да ги плаши и потчинува добрите луѓе, додека оние корумпираните си живеат среќно до крајот на животот?
Поголемиот дел од времето се сметам себеси за добра личност и не очекувам награда за тоа. Ако направам нешто лошо и ако произлезат последици од тоа, подготвено ја прифаќам одговорноста. Свесна сум за тоа што може да се случи, но не верувам во карма. Верувам во акција и реакција. Сепак, понекогаш последиците изостануваат. Секојдневно сме сведоци на тоа како ужасни луѓе поминуваат неказнето. За нив, кармичките закони како да не постојат.
Кармата имплицира дека постои универзален концепт на праведност и универзална моралност. Кога некој ќе направи нешто ужасно, природно е да посакаме да плати за тоа. Сакаме да се соочи со последиците и бараме правда. Но во реалноста, правдата не е јадење што може да го нарачате од мени во ресторан, па да ви го донесат послужено на чинија. Дури и кога правдата е сервирана, честопати е ладна, застоена и блуткава. Не е задоволителна и не ја пополнува емоционалната празнина.
Поврзани објави
За некои работи, пак, не постои објаснување зошто му се случиле на конкретен човек. Не може ли да кажеме само дека се нашол на погрешно место во погрешно време? Пред некое време, на една моја пријателка ѝ се урна таванот врз главата додека спиела (вистинска приказна, и добро е, без грижи). Карма? Не би рекла. Многу врнеше претходните денови, а таа живее на последниот кат во стара зграда.
„Добра“ и „лоша“ карма
Ако кармата ве мотивира да правите добри дела или ви помага да го разберете хаосот во светот, нема ништо лошо во тоа да се водите според нејзините принципи. Но проблемот настанува кога очекувате овој концепт да функционира постојано и за сè во животот. Вистината е дека животот е суров. И честопати не е фер. Луѓе сме, што значи дека ќе бидеме повредени порано или подоцна, неизбежно е. Идејата дека нешто е „добро“, „лошо“, „правилно“ или „погрешно“ постои само во физичкиот свет и е целосно измислена! Уште утре би можеле да го ресетираме колективниот ум и комплетно да ги смениме правилата.
Колку што знаеме сега за сега, само човечкиот род ги цени доблесните, ги осудува грешните и бара правда. Додека ние на Земјата се трудиме да бидеме „добри“ луѓе, а постојано правиме „лоши“ работи, космичката енергија која ја сметаме за „делач на карма“ не осудува никого, бидејќи таа воопшто не ни размислува! Ако веќе го вмешуваме универзумот, тешко е да се зборува за „добра“ и „лоша“ карма кога не ни знаеме што точно се подразбира под тие поими и дали воопшто постојат.
Следниот пат кога ќе се запрашате „зошто токму мене“, сетете се дека најголемите животни лекции произлегуваат од најголемите несреќи. Наместо да барате причина зошто ви се случило нешто, обидете се да дознаете што можете да научите од тоа. И бидете реални. Ослободете се од илузијата на „добрата“ и „лошата“ карма и фокусирајте се на вистината.
Пишува: Марија Лукаревска
ФОТО: GETTY IMAGES, ПРИВАТНА АРХИВА