Почнува незабележливо, а многумина го мешаат со обична исцрпеност
Летните горештини се’ уште траат, па најважно е да се заштитите. Пред да излезете од дома, задолжително внесете доволно течности и обидете се да се одморите – тоа ќе ви помогне полесно да ги поднесете високите температури.
Што е топлотен удар?
Топлотниот удар претставува сериозна и потенцијално животозагрозувачка состојба, предизвикана од високи температури и претерано физичко напрегање, при што телото веќе не е во состојба самостојно да се лади. Особено се загрозени бебињата (поради недоразвиен терморегулациски систем), повозрасните лица и хронично болните.
Симптоми на топлотен удар:
Променета состојба на свеста (збунетост)
Губење свест
Конвулзии (неконтролирани грчеви на телото)
Телесна температура над 40°C
Забрзано или неправилно дишење
‼️ Ако ги забележите овие симптоми – веднаш побарајте медицинска помош!
Без навремена реакција, може да дојде до кома, откажување на органите, па дури и до смртен исход. Луѓето и животните оставени во загреани возила се особено изложени на ризик.
Што да направите додека ја чекате итната помош?
* Пренесете ја личноста на ладно и проветрено место.
* Ставете ѝ ладни облоги или влажни крпи на телото.
* Доколку личноста е свесна, дајте ѝ да пие млака вода.
* Користете вентилатор или рачно разладувајте ѝ го телото со крпа.
Како да се заштитите?
Поврзани објави
* Избегнувајте директна изложеност на сонце од 11 до 15 часот.
* Редовно внесувајте течности – пијте вода, дури и кога не чувствувате жед.
* Носете лесна, светла облека и заштитна капа или шешир.
* Користете крем за заштита од сонце со висок заштитен фактор.
* Избегнувајте напорни физички активности во најтоплите часови.
* Не консумирајте алкохол и кофеин – тие го дехидрираат телото.
* Јадете лесна и свежа храна, и туширајте се со млака или ладна вода.
* Проветрувајте ги просториите во вечерните часови; преку ден држете ги прозорците затворени.
РАЗЛИКА МЕЃУ ТОПЛОТЕН УДАР, ТОПЛОТНА ИСЦРПЕНОСТ И СОНЧАНИЦА
Топлотна исцрпеност
Претставува прегревање на телото поради прекумерно потење и губење течности. Симптоми: слабост, замор, мачнина, главоболка, вртоглавица, збунетост. Состојбата обично се подобрува по 30-тина минути одморање и разладување.
Сончаница
Се јавува по долготрајно изложување на сонце, особено на главата и вратот. Симптоми: сува кожа, силно црвенило на лицето, покачена телесна температура, главоболка, дезориентација, мачнина, вртоглавица, чувствителност на светлина.
Во случај на сончаница:
Префрлете ја личноста на место под сенка, ставете ѝ ладни облоги, дајте ѝ млаки течности и следете дали состојбата се подобрува. Доколку не дојде до подобрување – побарајте лекарска помош.
Запомнете: Топлотниот удар не е за потценување – препознајте ги знаците навреме и заштитете се себеси и вашите најблиски!
Подготвила: Бојана Стојменовиќ