Почетна Убавина и здравјеВаша новогодишна одлука – прошка! – Убавина и здравје

Ваша новогодишна одлука – прошка! – Убавина и здравје

од nenad
4 минути читај за

Проштевањето не значи одобрување, туку ослободување на самиот себе – излегување од болката и преродување.

За да се ослободиме од минатото, неопходно е да сакаме да простиме, дури и кога не знаеме како. Да простиш значи да се откажеш од болните сеќавања, од целата таа ситуација, од улогата на жртва и од идејата дека нештата можеле да бидат поинакви. Бидејќи со непростувањето и со замерувањето се уништуваме однатре. Да се прости и не е толку едноставно, главно е потребно да се тргне со мали чекори, за да можеме да се простиме од нашето страдање и да го искорениме засекогаш.

Искористете го неделото што ви е направено за да се издигнете над него. Цвеќето е прекрасен дар кога ќе израсне од купиште крш и ѓубре, а победува така што доминира со својата убавина над ѓубрето и го разубавува светот. За оние за кои ова е премногу лирски пристап, еве неколку испробани практични совети.

Чекор 1

Истражете што ви е товар

Одвојте време детално да размислите што и кому треба да простите. Направете список од сè што ќе ви падне на памет – зошто сте му лути некому, зошто сте повредени и поради што страдате, што не можете да заборавите, па ве гризе некоја внатрешна мачнина, поради што сакате да се одмаздите и слично. Некои нешта сами од себе ќе се средат уште при запишувањето во списокот, бидејќи тоа поглавје одамна сме го затвориле во своето срце, иако во главата сè уште го носите со себе и мислите дека не можете да го заборавите.

Ако се појави таква ситуација, едноставно пречкртајте ја од списокот. Но сè што е запишано и ви предизвикува болка кога ќе го прочитате – со тоа ќе треба да продолжите да се занимавате.

Чекор 2

Исфрлете го од себе

Кога пишуваме, ние всушност навлегуваме во своите најдлабоки слоеви и сето она што го потиснуваме полесно излегува на површина. Затоа, одвојте време и вратете се во ситуацијата што сè  уште е болна за вас. Опишете како точно се случила. Напишете како сте се чувствувале во врска со тоа. И напишете што е најлошото што ви е направено. Ако ви е полесно, можете сето ова да го напишете како писмо наменето за личноста што ве повредила.

Јасно напишете што ѝ замерувате, хартијата поднесува сè. А потоа фрлете го листот, симболично уништете го сето напишано – тоа има ослободувачко дејство. Можете ритуално и да го запалите, со што доаѓаме до следниот чекор.

Чекор 3

Осмислете ритуали


Поврзани објави

Ритуалите можат многу да ви помогнат да се растоварите. Еве неколку идеи:

– Симболично кажете збогум. Ако напишете нешто за настанот што ви тежи, тогаш на истиот лист можете да ја искористите моќта на симболите, за да се ослободите од болката и од товарот. Искинете го и запалете го листот хартија – на повеќемина тоа им годи, па пробајте и вие!

– Земете фотографија од личноста или цртеж со кој ќе ја претставите или напишете го само името на личноста и ставете го пред себе, јасно изговарајќи сè што ви лежи на срце. Слободно искажете ги своето разочарување и гнев. А кога ќе завршите, кажете си себеси: „Сега сум подготвена да се простам од сето тоа, бидејќи не сакам повеќе да влијае врз мене и врз мојот живот. Ти простувам сега и тука, засекогаш.“

Чекор 4

Сменете ја перспективата

Кога некој ќе нè повреди, прво сме насочени кон сопствената болка. Но кога ќе помине тој бран на разочарување и кога од поголема временска дистанца ќе се навратиме на настанот, тогаш можеме да ѝ посветиме внимание и на личноста што нè повредила. Со менувањето на перспективата можеме да разбереме зошто ни го направила тоа.

Можеби ќе ги препознаеме и причините, кои, иако не го оправдуваат стореното, сепак можат да ни помогнат да разбереме. Можеби ќе препознаеме и дека сами сме придонеле за таквата ситуација, а сето тоа може да ни помогне да ги ревитализираме своите чувства и со тоа да ги расчистиме работите или, едноставно, само да се опуштиме.

Чекор 5

Побарајте поддршка

Не е можно секогаш човек да излезе накрај со тоа што му е направено, особено кога се работи за злоупотребување или доколку е жртва на криминал, насилство, на прељуба, па довербата му е длабоко разнишана. Ако откриете такво нешто кај себе, размислете за психотерапија или за коучинг.

Не станува збор за ваша слабост или болест, едноставно самите треба да си бидете доволно вредни  и да ги прифатите помошта и поддршка што можете да ги добиете за да живеете послободно и посреќно… Затоа што се работи за вашиот живот!

Текст: Наташа Човиновска