Бразилската манекенка Ана Беатрис Араухо Фереира почина на 22-годишна возраст како последица од удар од гром. Несреќата се случила во сабота, 3 октомври, за време на семеен собир во градот Алмас.
Ферераира била со семејството во куќата на својата мајка. Во моментот на несреќата, таа била во дворот со својата внука, на која ѝ ја чешлала косата. Семејството изјавило дека времето првично не укажувало на таква опасност.
Нејзиниот брат Сезар Аугусто опишал за „Си-ен-ен Бразил“ што се случило.
Јачината на електричното празнење била голема. Според извештаите на бразилските медиуми, светилките и антената во куќата биле оштетени. На Ана Беатрис ѝ била укажана прва помош и била префрлена во друга болница, но лекарите не можеле да ѝ го спасат животот. Нејзината внука исто така го почувствувала ударот, но по лекарскиот преглед и набљудување, таа била пуштена дома.
Ана Беатрис Араухо Фереира била позната во својата област. На саемот „ЕкспоАлмас 2026“ била избрана за кралица на родео. Манекенката студирала физиотерапија и се грижела за својот петгодишен син Луис Енрике.
Нејзиниот брат се збогувал со неа со зборовите дека „таа била и останува една од најубавите личности“ што ги запознал, а ја опишал и како силна личност полна со љубов и хумор.
Од младата манекенка се простиле и организаторите на саемот „ЕкспоАлмас“. Здружението „Синдикато Рурал де Алмас“ соопштило дека Ана Беатрис го одбележа нивниот настан со својата „радост, симпатичност и љубов кон традицијата“.
Точните околности на смртта ги истражува полицијата во Алмас.