Почетна ПопуларноБраво за нашата иднина: Младинците „ја преслушаа“ и Унгарија!

Браво за нашата иднина: Младинците „ја преслушаа“ и Унгарија!

од nenad
2 минути читај за
t

Уште една голема победа оствари Македонија на Светското првенство за ракометари до 19 години, со 22-20 против Унгарија. Со овој триумф, го обезбедивме најмалку 10. место, а ќе се бориме за деветто на конечниот поредок, против репрезентацијата на Чешка.
И по досегашните резултати и по силите на теренот Унгарците, дефинитивно, се покажаа едни од најтешките противници на Македонија, по Данска и Норвешка (од кои единствено загубивме), но тоа беше само покана за нашите репрезентативци да го демонстрираат својот карактер и истрајност низ 60-те минути во Копривница.
Од почетокот наметнавме ракомет кој што го негува Раде Стојановиќ и неговиот стручен штаб, со цврста игра во одбраната, тежок приод до голманите и динамична игра на подвижните бекови во нападот. Почнавме да градиме предност и поведовме со 5-3, но тогаш настапи голем пад. Губевме топки во нападот, противничкиот голман одбрани неколку удари и Македонија не успеа да постигне гол, речиси, девет минути.
Унгарија направи серија од 5-0 (8-5 во 20. минута) за тоа време, сепак, кога се вративме, почна резултатската рекуперација и до паузата Македонија се избори за 12-12. Вториот дел почна уште потврдо и изедначено и уште повеќе напади и на двете страни завршуваа без ефект, но истрајноста и карактерот на нашите репрезентативци се исплати некаде од 45. до 50. минута кога со серија од три гола поведовме со 21-17.
Иван Галевски со важни интервенции беше клучна фигура во запирањето на последниот налет на Унгарците, а Мирче Калајџиески реализира важен пенал, за црвено-жолтите да го задржат водството и да триумфираат. Калајџиески и Александар Петкоски постигнаа по пет гола, четири додаде Самоил Ристевски, додека Галевски забележа 11 интервенции.
Утре од 20 часот, Македонија ќе се соочи со Чешка, која денеска беше подобра од Саудиска Арабија со 36-33. Победникот од тој дуел ќе биде деветти на Мундијалот, поразениот десетти.

.