Почетна ЕкономијаБлажо Ѓорев на BCIU во Њујорк упати порака до американските компании: „На мапата на Балканот има повеќе можности отколку ризици“

Блажо Ѓорев на BCIU во Њујорк упати порака до американските компании: „На мапата на Балканот има повеќе можности отколку ризици“

од nenad
3 минути читај за

Бизнисменот Блажо Ѓорев, основач на Ѓорев Холдинг, беше еден од говорниците на настанот „Spotlight on Investment Opportunities in Southeast Europe and the Balkans“, одржан во Cipriani Wall Street во Менхетен. Настанот го организираше Деловниот совет за меѓународно разбирање (BCIU), во пресрет на доделувањето на глобалните награди „Двајт Д. Ајзенхауер“ за 2026 година.

Во своето обраќање, Ѓорев истакна дека инвеститорите кога гледаат кон Балканот најчесто гледаат ризици, но дека регионот, со помалку изградена инфраструктура од остатокот на Европа, всушност нуди простор за раст. Тој нагласи дека во регионот има етаблирани компании во производството, енергетиката, логистиката и технологијата, со искуство на меѓународните пазари, кои можат да бидат сигурни партнери на американските компании и заедно со нив да растат.

Тој повлече и паралела со Маршаловиот план, потсетувајќи дека и Западна Европа по Втората светска војна се соочуваше со голема неизвесност, а многу инвеститори претпочитаа да почекаат. Според Ѓорев, САД тогаш не чекаа, а инвестициите изградија пазари и партнерства што траат до денес и ја направија Западна Европа нивен најголем партнер.

Настанот обедини лидери од бизнисот, дипломатијата, медиумите, културата и филантропијата, инвеститори и меѓународни експерти, кои разговараа за стратешките инвестициски можности на Балканот и Југоисточна Европа поврзани со енергетската сигурност, критичните минерали и регионалната поврзаност, како и за тоа како американскиот приватен капитал и развојните финансии можат да го поддржат растот низ целиот регион. Партнер на приемот беше македонската компанија Пантелеон ГС Скопје.

„Spotlight on the Balkans ги собра инвеститорите, креаторите на политики и деловните лидери кои го гледаат регионот како една од најперспективните можности во Европа, а ние сме горди што соработуваме со Пантелеон ГС за овој замав да го претвориме во трајни деловни врски со Соединетите Американски Држави“, изјави Питер Тичански, претседател и извршен директор на BCIU.

Ѓорев учествуваше на настанот на директна покана од BCIU. На приемот тој се сретна и со раководството на BCIU, меѓу кои претседателот Питер Тичански и вишиот советник Велко Велковски.

Неговото учество е дел од заложбите за поврзување на македонските и американските компании и за нивен полесен пристап до американскиот пазар.

За BCIU

Деловниот совет за меѓународно разбирање (BCIU) е непрофитна и непартиска организација основана во 1955 година на иницијатива на претседателот на САД Двајт Д. Ајзенхауер. Организацијата обединува над 200 компании, многу од нив меѓу најголемите во светот, и работи како мост меѓу деловната заедница и владите преку средби, деловни мисии и настани. Има канцеларии во Њујорк, Вашингтон и Лондон.

За Пантелеон ГС Скопје

Пантелеон ГС Скопје е компанија специјализирана за аутсорсинг на деловни процеси за компании на американскиот пазар, со фокус на транспортната и логистичката индустрија. Тимовите на компанијата обезбедуваат поддршка во финансии, сметководство, факторинг, лизинг, осигурување и контролинг, овозможувајќи им на македонски професионалци да градат меѓународна кариера без да ја напуштат земјата.

За Ѓорев Холдинг

Ѓорев Холдинг е приватна група компании со присуство од двете страни на Атлантикот, активна во финансии, мобилност, логистика, градежништво и оперативни услуги. Групата обединува повеќе самостојни компании од САД и од земјава под заедничка стратешка насока, поддржувајќи го нивниот раст, соработка и меѓусебна поврзаност. Основач и извршен директор е Блажо Ѓорев.