Почетна ЕкономијаБитола домаќин на манифестацијата „Мед и млеко на Широк сокак“

Битола домаќин на манифестацијата „Мед и млеко на Широк сокак“

од nenad
2 минути читај за

Во Битола, Амбасадата на Република Словенија и Сојузот на пчеларски друштва на Македонија, преку настанот „Мед и млеко на Широк сокак“, го прославија Светскиот ден на пчелата.

Во своето обраќање кон медиумите, словенечкиот амбасадор Грегор Пескар, потенцираше дека целта на случувањето во Битола е да се пренесат знаења за пчелата кај помладите генерации.

“Светскиот ден на пчелите го одбележуваме со единствена цел да придонесеме за подигнување на свеста за важноста на пчелите за природата, за храната и за нашиот еко-систем. Промовирајќи го светскиот ден на пчелите ние истовремено пренесуваме знаења и искуства за децата кои се присутни на оваа манифестација за и тие да знаат колку се важни пчелите за животот на планетата,” изјави амбасадорот Пескар.

Верче Мицевска, национален координатор во Владата за безбедност на храна, ветеринарство и фитосанитарна политика, даде отворена поддршка на настанот.

“Пчелата има исклучителна улога во опрашувањето на сите растенија, пчелата е значајна за производство на мед и сите останати драгоцени пчелни производи кои што имаат нутритивно значење, но и лековити својства. Пчеларството во Македонија е значајно за економскиот развој на руралните средини и како Влада сметаме дека медот како производ заслужува промоција и поддршка за да бидат конкурентни на домашниот и меѓународниот пазар,” рече Мицевска.

На плоштадот „Магнолија“, свои производи претставија повеќе производители на мед и млечни производи од Пелагонија.

“Локалната самоуправа е традиционален поддржувач на работата на здруженијата на пчеларите и така е и денеска на светскиот ден на пчелата. Македонија и Битола се поднебје и клима во која со години се произведува квалитетен мед, а последниве години тоа е издигнато на повисоко ниво. Овој, воедно саем на медот е значаен затоа што е организиран и квалитетен и тоа се совпаѓа со моите препораки за квалитетен живот бидејќи јас како лекар секогаш се залагам за здрав живот, за повеќе зелени површини во градовите, сообраќајот да го тргнеме од центрите на градовите и да го следиме примерот на Љубљана, а токму денешната манифестација во Битола е во прилог на здравиот живот,” истакна градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

На манифестацијата „Мед и млеко на Широк Сокак“ зедоа учество деца од детската градинка „Естреја Овадија Мара“, а претседателот на македонските пчелари Менде Трајковски ги претстави авторите на наградени ликовни и литературни дела од наградниот конкурс „Пчелата чувар на планетата земја“.

мт/ев/Фото: МИА .
Извор: МИА