Почетна ЕкономијаБелгија го слави Националниот ден

Белгија го слави Националниот ден

од nenad
3 минути читај за

Белгиските граѓани денес го одбележуваат Белгискиот државен празник со низа настани, концерти, претстави и презентации, при што главните случувања ќе бидат Воената и цивилна дефиле во попладневните часови и вечерниот голем концерт во Паркот на педесетгодишнината.

Прославите поврзани со одбележувањето на Државниот празник ќе започнат од 10 часот во централниот градски Парк во Брисел, кој се наоѓа пред Кралската палата, каде ќе бидат поставени тезги за забавни и детски активности, мини луна-паркови, фолклорни изведби, „воено село“, „полициско село“ и концерти. Манифестациите во Паркот ќе траат до 20 часот.

Главниот настан на прославата ќе биде Воената и цивилната поворка во централниот дел на Брисел на улиците во реонот околу Паркот, која ќе заврши пред Кралската палата каде ќе биде поставена централна ложа за кралското семејство, претставници на централните, регионалните и локалните власти, дипломатскиот кор и гостите. На Парадата ќе дефилираат војници од сите родови на Вооружените сили на Белгија, предводени од Кралската гарда, но и припадници на полициските сили, противпожарните единици и спасувачките и медицински служби.

Одбележувањето на Белгискиот национален ден ќе кулминира со голем концерт во Паркот на педесетгодишнината, во близина на зградите на институциите на ЕУ, кој ќе започне во 21 часот. На концертот ќе настапат повеќе пејачи, бендови и ди-џеи, меѓу кои и Камил Јембе, Максим, Хелена, Франциско Шустер, Аксел Ред, Пит, Нетски, Колт, Кидс вит бунс, Јусеф Сватс, Ромео Елвис, К3, Ментиса, Ред Себастијан, Лост фреквенцис. Концертот ќе биде проследен со светлосно шоу, специјални ефекти и огномет.

На Белгискиот национален ден се слави годишнината од крунисувањето на Леополд за прв „крал на Белгијците“ во 1831 година. По повеќе векови минати под власт на Бургундија, Шпанија, Австрија и Франција, територијата на Белгија во 1815 година станува дел од новоформираното Обединетото Кралство Холандија.

По период на постојани тензии на 25 август 1830 година во провинциите на Обединетото Кралство Холандија каде големо мнозинството од жителите биле католици почнува бунт против доминантно протестантската елита во земјата, познат како Белгиска револуција. По нешто повеќе од еден месец борби, белгиските револуционери кон крајот на септември ги потиснуваат холандските сили и на 4 октомври 1830 година е прогласена независна Белгија.

Со првиот Устав на земјата, изработен под влијание на романтичниот национализам, кој е доминантен во тоа време, Белгија е дефинирана како „уставна и народна монархија“. Во текот на пролетта новите белгиски власти за свој монарх го бираат германскиот аристократ, војводата Леополд Георг Кристијан Фридрих фон Сакс-Кобург-Гота, зет на британскиот крал Џорџ Четврти, поради што ја имал поддршката на Лондон.

Тој на почетокот на јули пристигнува во Белгија и на 21 јули е крунисан за крал Леополд на Белгијците, владеејќи со земјата сѐ до својата смрт во 1865 година. На почетокот Белгискиот национален ден се прославувал на 27 септември, датум кога во 1830 година револуционерните сили ги протерале холандските војници од Брисел, но од 1890 година како Национален ден е утврден 21 јули со цел да се зајакне поврзаноста на чествувањето со монархијата и уставниот поредок. Актуелниот белгиски крал Филип беше крунисан на 21 јули 2013 година, по абдикацијата на неговиот татко Алберт Втори. сп/са/Фото: Веб страница на Белгискиот национален ден.

Извор: МИА