Почетна ЕкономијаБезос повторно е втор најбогат човек во светот, Маск убедливо на врвот

Безос повторно е втор најбогат човек во светот, Маск убедливо на врвот

од nenad
3 минути читај за

Распоредот на најбогатите луѓе на планетата значително се промени во текот на септември, покажува најновата листа на „Форбс“. Седум од десетте најбогати милијардери го смениле местото на ранг-листата, а најголемиот скок го направи Џеф Безос, кој повторно се искачи на второто место.

Основачот на „Амазон“ во само еден месец го зголемил своето богатство за околу 102 милијарди долари, достигнувајќи проценети 370 милијарди долари. Огромниот раст е поврзан со новите проценки за вредноста на неговата вселенска компанија „Blue Origin“ и стартапот за индустриска вештачка интелигенција „Prometheus“.

Со тоа Безос за првпат од мај 2025 година повторно се најде на второто место. Од оваа позиција го симна Лери Пејџ, коосновачот на „Гугл“, чие богатство сега се проценува на 286 милијарди долари.

Пејџ сепак продолжил да се збогатува и во изминатиот месец додал околу 8 милијарди долари, но неговиот раст бил значително помал во споредба со оној на Безос.

Уште едно големо поместување се случи меѓу четвртото и петтото место. Мајкл Дел се искачи на четвртата позиција, откако неговото богатство порасна за околу 28 милијарди долари, на вкупно 268 милијарди долари. Главниот поттик дојде од растот на акциите на „Dell Technologies“, кои во текот на месецот поскапеа за 18 отсто, поттикнати од зголемената побарувачка за сервери поврзани со вештачката интелигенција.

На петтото место се најде Сергеј Брин, другиот коосновач на „Гугл“. Неговото богатство пораснало за околу 7 милијарди долари, достигнувајќи 263 милијарди долари, но тоа сепак не било доволно за да ја задржи претходната позиција.

Марк Закерберг остана на шестото место, иако неговото богатство забележа огромен раст. Во септември тој станал побогат за околу 55 милијарди долари, достигнувајќи 251 милијарда долари, во голема мера благодарение на растот на акциите на „Мета“.

На самиот врв и понатаму е Илон Маск, со проценето богатство од неверојатни 936 милијарди долари. Неговото богатство во последниот месец се зголемило за околу 44 милијарди долари, поттикнато пред сè од растот на вредноста на „SpaceX“.

Маск има повеќе од двојно поголемо богатство од Безос, а разликата со десетопласираниот Ворен Бафет е уште поголема. Бафет повторно се врати во топ 10, иако во текот на месецот изгубил околу една милијарда долари.

Од најбогатата десетка испадна Амансио Ортега, основачот на „Зара“. Неговото богатство се намалило за околу 6 милијарди долари, на 141,8 милијарди долари, па Шпанецот ја загубил позицијата меѓу десетте најбогати.

Пад на листата забележа и Лери Елисон. Неговото богатство се намалило за околу 13 милијарди долари, на 179 милијарди долари, по падот на акциите на „Oracle“. Елисон од седмото се спушти на осмото место.

Според октомвриската листа на „Форбс“, десетте најбогати луѓе во светот заедно располагаат со околу 3,1 трилиони долари, што е зголемување од околу 300 милијарди долари во однос на претходниот месец. „Форбс“ нагласува дека проценките за богатството се менуваат секојдневно, бидејќи значаен дел од имотот на милијардерите е поврзан со вредноста на нивните компании и акции.

Топ 10 најбогати луѓе во светот – октомври 2026
Илон Маск – 936 милијарди долари
Џеф Безос – 370 милијарди долари
Лери Пејџ – 286 милијарди долари
Мајкл Дел – 268 милијарди долари
Сергеј Брин – 263 милијарди долари
Марк Закерберг – 251 милијарда долари
Џенсен Хуанг
Лери Елисон – 179 милијарди долари
Стив Балмер
Ворен Бафет