Цената на бакарот на Лондонската берза за метали останува на рекордно високо ниво, под влијание на зголемената побарувачка, намаленото производство и најавените американски царини.
Тон бакар денеска се тргуваше за 14.642,50 долари, по вчерашните 14.708,50 долари.
Растот на цената се засили по најавата за американски царини од 15 отсто од следната година, со можност стапката да достигне 30 отсто во 2028 година.
Бакарот е клучен за електрониката, електроенергетските мрежи, градежништвото и центрите за податоци, чиј развој ја зголемува глобалната побарувачка.
Во исто време, производството во првата половина од годината е намалено за 1,1 отсто, според Меѓународната група за истражување на бакарот. Големи падови бележат „Коделко“ и „Фрипорт-МекмоРан“, поради проблеми и несреќи во нивните рудници.
Дополнителен ризик за снабдувањето се промените во рударските политики во Африка, каде повеќе земји бараат поголема контрола врз домашните природни ресурси.