Окружниот судија од САД, Ројс Ламберт, вчера ја одобри молбата на Радио Слободна Европа (РСЕ) во врска со тужбата против Американската агенција за глобални медиуми (УСАГМ), наредувајќи итна исплата на финансиските средства за мај кон РСЕ.
Ламберт го отфрли тврдењето на УСАГМ дека Агенцијата нема обврска да ги префрли парите, бидејќи наводно други спонзори планираат финансиски да го поддржат РСЕ.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 14 март издаде указ со кој се суспендираа дотациите за продемократските медиуми, обвинувајќи ги дека промовираат либерално пристрасна агенда, меѓу кои и РСЕ и Гласот на Америка.
РСЕ продолжи да емитува програма, но ги редуцираше трошоците, а стотици вработени беа испратени на принуден одмор, додека пак на надворешните соработници им беа прекинати договорите.
РСЕ е самостојна, приватна меѓународна новинска организација, чии програми на разни платформи неделно допираат до 50 милиони слушатели во 23 земји, вклучувајќи ги Русија, Украина, Иран, Авганистан и Пакистан.