Според информациите што ги собра Департманот за економија и финансии при
партијата АлтернАтивА, од септември годинава многу производи, кои
редовно ги консумираат граѓаните, ќе имаат повисоко ДДВ, а со тоа и нови
повисоки цени. Тоа се должи на фактот што Владата – со измените во
законот – таквите продукти ги става во категоријата на луксузни
производи.
Така, од млекопроизводителите е предупредено дека ќе има поскапување на
цената на млечните производи, сирењето може да поскапи и до 30 отсто,
што е многу висока цена за нашиот стандард. Зголемувањето на цените во
млечната индустрија и производите е резултат на намалувањето на
сточарската дејност во земјава и тоа се должи на погрешните политики на
оваа Влада, несубвенционирајќи и неводејќи доволна грижа за оваа
категорија, но и од недостатокот на одржлив долгорочен план во
сточарството. Се зголемија и цените на зеленчукот и овошјето, а ако се
додаде и 5% ДДВ, поскапувањето е уште поголемо – до 100 проценти. Општо
земено, цените на некои основни производи се зголемени над 40 проценти.
Нашите анализи покажуваат дека парите ја губат својата вредност, па
затоа предупредуваме дека од септември ќе има пораст на цените и
инфлација, поради немање превентивни мерки што треба да ги преземе
Владата. Иако Владата се фали дека нејзините мерки против инфлацијата се
ефективни, ние веруваме дека нема да има реално намалување на цените.
Всушност, во Северна Македонија имаме обратна пропорција, каде што
инфлацијата во јули се намали, но во истиот месец кошничката на
синдикалната потрошувачка се зголеми. И покрај тоа што официјалните
статистики говорат за намалување на инфлацијата, податоците на Заводот
за статистика покажуваат дека инфлацијата достигна дури 8,4 отсто, а
реално таа е уште поголема.
Со овие цени, едно четиричлено семејство со две минимални плати, реално,
не може да ги покрие основните месечни трошоци. Емпириските податоци
велат дека на четиричленото семејство овој месец му се потребни 48.620
денари за да ја комплетира минималната синдикална кошничка. Тоа е
зголемување за 441 денари во однос на пресметките за потрошувачката
кошничка лани во јуни. Ова зголемување на потрошувачката кошничка
„навистина удира по џебот на работниците и граѓаните“.
Ова е причината што АлтернАтивА предлага Владата што е можно поскоро да
преземе мерки за соочување со економската криза, односно со ударот на
цените и инфлацијата. Владата треба да посвети посебно внимание на
потребата од натамошно непоскапување на цената на електричната енергија
со цел да се спречи поскапување на голем број производи. Во спротивно,
тоа ќе предизвика недостиг на некои производи и затворање на некои
бизниси што ги произведуваат. Затоа државата ќе мора да има нови мерки
од социјалниот пакет, каде на најзагрозените граѓани треба да им се
обезбедат субвенции за набавка на некои прехранбени производи и
електрична енергија во вид на купони (ваучери) и истите да им се поделат
на лицата кои имаат приходи под одредена граница.
АлтернАтивА се надева дека се уште има некој во Владата кој е свесен за
маките на граѓаните и дека овие мерки ќе бидат преземени што е можно
поскоро.