Министерството за здравство објавува дека е воведен нов електронски сегмент за донации, со цел да се овозможи транспарентен увид во сите донации примени од Министерството за здравство, како и од сите јавни здравствени установи.
Овој сегмент е достапен на интернет страницата: donacii. zdravstvo. gov. mk и дава можност за детален преглед на секоја донација, со прецизни податоци за донаторот, вредноста на донацијата, како и информации за видот на донацијата, односно дали се донирани медицински средства, апарати, и слично.
Статистичките информации покажуваат дека 85% од досегашните донации се состојат од медицински средства, вклучувајќи лекови, вакцини, апарати за одредени јавни здравствени установи и други материјали. “Од самиот модул се гледа дека донациите доаѓаат од широк спектар донатори – од меѓународни институции и организации, држави и хуманитарни фондации.”
“Токму нивната поддршка е клучна потврда за довербата и значењето што го има нашиот здравствен систем. Досега во модулот се евидентирани над 400 донации, процесот на регистрирање се уште е во тек и оваа бројка ќе биде уште поголема, што зборува за тоа дека расте довербата на меѓународните партнери и пријателски држави во нашиот здравствен систем”, изјави министерот за здравство, Азир Алиу, се вели во известувањето од МЗ.
“Целта е да обезбедиме координација и одобрување на донациите, а воедно да се избегнат ситуации кога пристигнува апаратура со различни оперативни системи или опрема за која нема достапни резервни делови и сервис во нашата земја.”
“Со овој модул, испраќаме јасна порака дека во здравството нема скриени процеси и тајни договори, дека секоја донација е видлива, секоја помош е евидентирана, а секој граѓанин има право на информација”, заклучи министерот Алиу, информираат од МЗ.
аа/Фото: МЗ
Извор: МИА