Албанија од денес и официјално стана дел од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), овозможувајќи им на граѓаните и компаниите да извршуваат плаќања во евра на ист начин како во земјите од ЕУ.
Свеченоста на промоција на првата трансакција во СЕПА на Албанија се одржа во просториите на Централната банка на Албанија. Гувернерот Гент Сејко изјави дека “овој историски момент е резултат на структуриран процес”.
„Денеска е посебен ден за нас бидејќи сме сведоци на историски момент за албанскиот финансиски пазар, започнувањето на првата трансакција во евра преку Единствената зона за плаќања во евра наречена СЕПА. Ова не е само технички развој во платните системи, туку е камен-темелник на патот на Албанија кон интеграција во европската финансиска инфраструктура“, додаде Сејко.
Тој изјави дека во моментов 11 банки кои функционираат во Република Албанија се подготвени да им понудат СЕПА услуги на граѓаните и деловните субјекти во Албанија. Сејко нагласи дека трансферот на пари од Албанија во земјите-членки на СЕПА ќе чини до пет пати помалку од претходно и ќе има побрзи трансакции.
Амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Албанија, Силвио Гонзато, истакна дека ова е конкретно достигнување за албанските граѓани. „Ова достигнување е резултат на долг и предизвикувачки процес, кој бараше заеднички напори и посветеност, како од банкарскиот сектор, така и од албанските власти за исполнување на стандардите и барањата на Европскиот совет за плаќања”, рече Гонзато.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, исто така се осврна на ова прашање, објавувајќи на социјалните мрежи дека од денеска албанските граѓани и бизнисмени можат да вршат трансфери во евра со земјите од ЕУ со многу пониски провизии и со исти правила како во ЕУ. Албанија сега е рамноправна членка на СЕПА и Албанците ќе плаќаат исти провизии за трансфери во земјата. „Според процената на Банката на Албанија, само во првата година се очекува заштеда од околу 20 милиони евра годишно за албанските граѓани и бизниси“, напиша Рама.
Албанија поднесе барање за приклучување кон СЕПА во јуни 2024 година, а членка стана во ноември истата година.
вт/ми/
Извор: МИА