Албанскиот премиер, Еди Рама, преку објава на социјалните мрежи, даде соопштение за старт на операцијата за отстранување на бесправно изградените објекти на крајбрежјето, започнувајќи од областа Р’тот Родон (Kepi e Rodonit) во Општина Драч.
Тој потенцира дека овој процес “не е само привремена акција, туку конкретен чекор во борбата против дивоградбите, која ќе продолжи до елиминирање на овој феномен”.
Исто така, Рама објави дека операцијата ќе биде проследена со нови законски измени за зајакнување на мерките против одговорните лица, вклучувајќи ги и инспекторите и другите службеници кои дозволиле прекршување на законот.
“Уривањето на дивоградбите, кое е започнато насекаде, не е акција, туку процес кој не само што нема да запре додека не се елиминира оваа појава, туку во наредните денови ќе биде придружен со нов пакет мерки за намалување на оваа појава, зголемувајќи ја ударната сила на законот врз виновниците и одговорните лица на различни нивоа, вклучувајќи ги и „инфилтрираните“ во инспекторатите, полицијата и така натаму”, напиша Рама.
Тој објави и фотографии од акцијата која почна во споменатото туристичко место, оценувајќи дека “тоа е уште едно природно чудо злоупотребено за профит преку нелегална градба”, истакнувајќи дека “работата за заштита на територијата од злоупотребувачи продолжува подеднакво во северниот, јужниот и централниот дел на Албанија”.
Во меѓувреме, Судот во Драч му одреди мерка “затворски притвор” на Ардијан Халили, поранешниот началник на Инспекторатот за територијална заштита за округот Драч, кој е сопственик на урнатиот објект – дивоградба.
Покрај двокатен објект, на површина од 5.600 квадратни метри, имало мини-фудбалско игралиште и базен, како и 11 мали куќарки за сместување туристи.
Според информациите од полицијата, нелегалната градба започнала во 2018 година. Халили беше лишен од слобода пред четири дена, под обвинение за “бесправна градба” и “злоупотреба на службена должност”.
Во судницата го застапуваше неговата сопруга, поранешната обвинителка Рабијана Халили, додека тој го отфрли обвинението за злоупотреба на службена должност, тврдејќи дека ги извршил работите со знаење на локалните власти, иако без одобрение за градба.
вт/Фото: Рама ФБ .