Стопанската комора на Северна Македонија ќе ја афирмира секоја заложба што придонесува кон подобро ниво на живеење, со обезбедени валутни резерви и воспоставен образец на економски напредок, изјави денес претседателот Бранко Азески.
Во одговор на прашање за коментар во врска со тврдењето на премиерот дека македонската економија бележи експанзија од 3,4 отсто и дека државата е лидер во регионот, тој потенцираше дека континуирано треба да се стремат кон поголеми цели од претходните.
“Нас ни е потребна цел, таа цел ја гледам во раст на бруто домашниот производ затоа што нема други индикатори кои ќе прикажат дека има плаформа и има цел кон која се движиш.”
“Јас верувам и сум верувал цел живот во три работи: да имаш јасна цел пред себе, луѓе што можат тоа да го остварат зад тебе и да имаш пари. Без тие работи неможе напред да се оди,” рече Азески.
Според него, тоа ќе ја мотивира целата економија да се стреми кон цел која е повисока од претходната, ќе резултира со одговорност за изреченото и ќе поттикне да се реализира, но исто така ќе ги поттикне и сите други актери да придонесат и да ги доведе до единствена платформа за развој.
“Една држава може да постои и опстои само ако обезбеди иднина за своите генерации, а таа иднина се обезбедува со повисок животен стандард, со обезбедени девизни резерви и со изграден модел на економски раст. Ние ќе поддржиме секаква иницијатива која води во тој правец.”
“Знаеме што значи д анаправиш таков раст и дека е потребен деловен амбиент, услови во регионот каде нема да ѕвечка оружјето, туку ќе бидат поставени на ниво на конкурентска борба на стоки и услуги на меѓународниот пазар. И сакаме да го оставриме тоа на тој начин. Сите влади да делуваат во функција на остварување на предвидлив деловен амбиент и избегнување на секакви конфликти кои ја уништуваат економијата,” додаде Азески.
Тој нагласи дека остануваат посветени на општите принципи и дека секој раст поголем од минатата година е успех и за Комората, и за компаниите, и за секоја влада.
Фото: МИА