Како и претходните три дена, така и денес, грчките сточари и земјоделци планираат две четиричасовни прекини на сообраќајот на граничниот премин Евзони кон нашата држава. Овој потег ќе резултира со застој во сообраќајот за сите видови возила при влез и излез од Грција, во временските интервали од 11 до 15 часот по македонско време (12 до 16 часот по грчко време) и од 17 до 21 часот (18 до 22 часот по локално време), извести дописничката на МИА од Атина.
Се предвидува земјоделците да ги укинат блокадите од утре до петок, поради одбележувањето на новогодишните празници. Целта е да се олесни патувањето на граѓаните, слично како што беше случај и минатата седмица за време на Божиќ. Во сабота, пак, ќе одржат заеднички состанок на кој ќе ги утврдат своите следни дејствија.
Протестите на земјоделците траат веќе еден месец, откако започнаа на 30 ноември. Причините за нивното незадоволство се зголемените трошоци за производство и ниските цени на продажба на нивните производи, како и проблемите поврзани со европските земјоделски субвенции. Нивното главно барање е навремена исплата на заостанатите субвенции.
На граничниот премин Евзони, блокадата стартуваше ден подоцна, на 1 декември. Земјоделци од северна Грција ги паркираа своите трактори на грчка територија, близу границата. Во изминатиот месец, речиси секојдневно го прекинуваат сообраќајот за сите возила во одредени часови.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во своето интервју за телевизијата „Action 24“, се осврна и на актуелните протести на земјоделците. Тој изрази надеж дека во периодот од Нова Година до Водици, кои се одбележуваат во вторник, земјоделците ќе ги прекинат блокадите и ќе го олеснат патувањето на граѓаните, „без големи тешкотии и непријатности“.
“Колку повеќе се измачуваат граѓаните, толку повеќе земјоделците ја губат оправданоста на нивните барања, особено кога одбиваат да дојдат на дијалог”, нагласи Мицотакис.
Тој додаде дека не треба да се заборави дека во Грција има речиси 400,000 професионални земјоделци. “На блокадите можеби има 4,000 трактори, но огромното мнозинство од земјоделците и сточарите не учествуваат во блокадите”, рече тој.